• понеделник, 23 декември 2024

Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството, порача Мицкоски по средбата со Дамева

Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството, порача Мицкоски по средбата со Дамева

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството и за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители. Отворена е за идеи, кои доколку се подобри од владината програма би ги примениле, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

-Ние излеговме со став дека се потребни коренити промени во судството, но не го мислиме само ние тоа, го мислат и граѓаните бидејќи според сите мерења на јавното мислење, довербата на граѓаните во правосудните органи е катастрофално ниско. Ако немате правна држава, ако немате владеење на правото, ако немате обвинители и судии кои што обвинуваат по закон и Устав, тогаш ќе немате ниту економска безбедност, а кога ќе немате економска безбедност ќе немате ниту економска активност, ќе нема буџетот приходи онолку колку што се потребни за да имаме развој, а ако немате развој ќе немате среќни граѓани, среќни компании и нормално е да тие се разочараат и така разочарани да ја напуштаат Македонија. Тоа е суштината на целиот овој систем. Ние се ќе напрваиме да ја донесеме парвдата, не смее да има граѓани од прв ред, не смее да има граѓани од втор ред, малкумина од прв ред кои се заштитени, не смее да има елита, туку мора сите да се подеднакви пред законите и Уставот, рече Мицкоски по средбата.

Тој нагласи дека средбата била по нивно барање, за како што вели, да ги слушнат нивните предлози во однос на реформите, при тоа потсети дека од него и Владата имаше повици до експертската јавност и до институциите да достават предлози за заеднички да го реформираат правосудството.

-Ние си стоиме на нашиот став, на нашата Програма, но сакаме да слушнеме и доколку добиеме подобри идеи, се разбира дека тие идеи и ќе ги примениме, тука не треба да има никаква тајна, вели Мицкоски.

Тој уште еднаш ја подвлече важноста за владеењето на правото особено за безбедноста на државата.

-Ако немате владеење на право, ако немате правна држава, ако имате високо ниво на криминал и корупција тоа е безбедносен пороблем. Ние како Влада по Устав и по закон имаме основна задача да ја заштитиме државата и граѓаните доколку се појави безбедносен проблем. За нас невладеењето на правото, криминалот, корупцијата, елитите се безбедносен проблем за нашата држава и ние како Влада мораме да реагираме. Ова е период кога ќе го поминеме во собирање предлози и идеи и потоа ќе излеземе пред јавноста со конечна позиција за тоа како ги гледаме реформите. Нормално, ние си стоиме на ставот за распупштање на тие институции, за кои зборуваме целиот овој период, не очекуваме брзи резултати, но очекуваме напредок, со кој што ќе го превенираме овој безбедносен проблем кој што ни се случува поради тоа што немаме владеење на право, а имаме висок степен на корупција, нагласи Мицкоски.

На новинарско прашање премиерот рече дека не станало збор за конкретни предлози од страна на Судскиот совет околу нивното реформирање, туку Дамева вели наративно го запознала со замислата околу нивниот сет предлози за реформи кои што ќе бидат поднесени во ресорното Министерство, во претстојниот период, а за што, додаде тој, ќе биде запознаена и јавноста.

-Не Владата, туку суштината е граѓаните да добијат сигурност, да се промени перцепцијата која е скромни 2 отсто во судството... Ние не се бориме за оценка, ние се бориме да можеме да ја донесеме правдата и да имаме правна држава. Ние за жал во моментов немаме, не е тоа поради законите или препораките од оценските мисии. Туку тие кои што треба да ги имплементираат тие закони не ги имплментираат. Врховен судија и претседател на Совет на јавни обвинители се дел од коруптивен скандал со парите во рака, и се спогодуваат. Има ли поеклатантен пример на немање на правна држава. Што дека ние имамме оценска мисија, 40 препораки, брилијантни закони или устав кога тие што треба да го имплементираат не го имплементираат, рече Мицкоски прашан дали не се доволни препораките од Оценската мисија за реформите.

Според него, за 40-тина минути е несериозно да донесете заклучок и да се реши работата за нешто кое што се уништувало децении, туку потребни се вели, со денови да се разговара за да се создаде концепт којшто ќе биде функционален. Тој посочува дека опстојуваат на ставот за распуштање на овие две институции бидејќи ценат дека тие не одговараат на потребите на она што граѓаните го очекуваат односно тоа да се донесе правда.

-Три институции е многу важно да се знае кој го прави кастингот,  за тие луѓе коишто треба да донесат правда. Тоа се Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Академијата за судии и јавни обвинители. Сето ова понатаму коешто произлегува од овие три институции има обврска да донесе правда. Тие луѓе коишто овие ги избираат треба да донесат правда. Сега прашањето е како ги избираат. Дали некои тефтеричиња од минатото се заманети со тефтери од сегашноста. Тоа е суштината. И дали тие луѓе кои ќе го поминат овој филтер и ќе се катапултираат во обвинителско - судските кругови, се лојални на правото, законите и Уставот или на некој кој ги катапултира. Тоа е суштината. Еве сега пример ќе ви дадам. Им истекуваат мандатите на поединци коишто треба да бидат заменети со нови предлози коишто ќе дојдат од некои нови политичари, нови центри. Дали оваа влада, сега што треба ние да правиме, истото да го правиме. Нема да биде личност икс, ќе биде личност ипсилон. Таа личност икс која што до вчера ја предложиле Речица или Бихачка сега треба да дојде од оваа Влада предводена од ВМРО ДПМНЕ. И со тоа што сме решиле? Затоа велам ние мораме да ги гледаме работите многу објективно, суштински. Буквално никаков напредок нема да имаме доколку не ги ослободиме овие институции од политички влијанија, оцени Мицкоски.

Тоа според него може да се постигне ако судството има автономен буџет, но чие трошење ќе биде мониторирано од тело формирано од пратеници и од власта и од опозицијата. 

-И ние велиме автономен буџет, вие изберете си ги претставниците, еве не сакаме ние да ги бираме. А бидејќи го трошите народниот буџет, а ние одговараме за тој народен буџет, во рамките на Парламентот ќе има меѓупартиска интерпарламентарна група каде што ќе има и од опозицијата и од власта пратеници коишто ќе прават надгледување на вашата работа, да не ги злоупотребувате народните средства и ресурси. Не сакаме ние да влијаеме...Но самото тоа што политичари и судии се гледаат тоа значи дека работата не е како што треба. Не треба да се гледаме. Таа е нашата цел. Да не се гледаме, а да имаме правна држава, да си функционира се како што треба. Тоа е нашата цел. Во нашата реформа тоа е целта, подвлече претседателот на Владата. 

На средбата премиерот Мицкоски со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, бил присутен и министерот за правда Игор Филков.

Средбата следи по бројните забелешки за работата на Судскиот совет, ниската доверба и отворениот повик на Владата за предлози за реформи во Судскиот совет. вг/аа/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан