• сабота, 31 август 2024

Владата на Шолц пред тежок тест на покраинските избори во Саксонија и Тирингија

Владата на Шолц пред тежок тест на покраинските избори во Саксонија и Тирингија

Берлин, 31 август 2024 (МИА) - Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц ќе се соочи со тежок изборен тест овој викенд, бидејќи исходот од изборите во покраините Саксонија и Тирингија во Источна Германија би можел да ја доведе во сомнеж неговата коалиција на сојузно ниво, оценуваат „Еурактив“ и „Политико“.

Иако овие две покраини бројат само шест милиони жители (четири во Саксонија и два во Тирингија) - што е помалку од 8% од вкупната германска популација - утрешните избори би можеле да имаат големо влијание врз Германија како целина, пишува „Еурактив“.

Екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) води во анкетите во двете покраини, додека партиите вклучени во владата на Шолц би можеле да ги загубат своите позиции бидејќи според предизборните истражувања паднале на околу потребниот изборен праг од 5%.

Резултатот во кој сите три владејачки партии – Социјалдемократите на Шолц (СПД/С&Д), Зелените и либералната ФДП – не би успеале да влезат во ниту еден од двата покраински парламента, би можел драстично да ја разниша федералната коалиција, особено партијата на Шолц, која никогаш не паднала под прагот од 5% на покраинските избори.

СПД моментално има поддршка од 6%, додека нејзините коалициски партнери стојат уште полошо.

По изборите во Саксонија и Тирингија овој викенд, покраината Бранденбург исто така ќе излезе на гласање на 22 септември.

Доминантна тема во кампањата на овие покраински избори е миграцијата, особено по нападот со нож во западногерманскиот град Солинген минатиот петок. Дебатата во изминатите денови беше фокусирана на миграциската политика, со обвинувања и остра реторика меѓу власта и конзервативната опозициска ЦДУ, кои се обидуваат да спречат убедлива победа на АфД.

Според анкетите, моментално најважното прашање во Саксонија е миграцијата, а гласачите за решавање на овој проблем најмногу им веруваат на ЦДУ и АфД, а најмалку на партијата на Шолц.

Во Тирингија ова прашање е на второ место, но и таму гласачите сметаат дека екстремната десница најефикасно би се справила со него.

Иако сојузните држави немаат формално влијание во надворешната политика, изборната кампања вклучи и дискусии за испораката на оружје за Украина, на што се противат многумина во Источна Германија.

За ова прашање нашироко се дебатира, при што многумина бараат прекин на испораките и наместо тоа повикуваат на итни мировни преговори.

Оваа позиција силно ја поддржува новоформираната левичарска БСВ на Сара Вагенкнехт, за која анкетите велат дека ќе биде трета политичка сила во Саксонија и Тирингија.

„Ќе учествуваме само во сојузна влада која исто така зазема јасна позиција во корист на дипломатијата и против подготовките за војна“, изјави Вагенкнехт.

И БСВ и АфД се евроскептични, антиимиграциски и против воената поддршка за Украина.

И покрај водството на екстремно десничарската АфД и во Тирингија и во Саксонија, досега сите големи партии ветуваа дека нема да соработуваат со нив. 

Сепак, ова најверојатно ќе ја стави конзервативната ЦДУ во тешка позиција да биде принудена да бара коалиција со левичарската БСВ, бидејќи другите опции без АфД можеби нема да бидат доволни за за постигнување парламентарно мнозинство.

Магазинот „Политико“ оценува дека подемот на радикалните партии од десницата и од левицата во Источна Германија ќе се смета како голем укор за трипартитната коалициска влада на канцеларот Олаф Шолц, која по слабиот резултат на европските избори се бори да опстане.

Ако сегашните прогнози се исполнат, резултатот во недела ќе предизвика политички шокови низ Германија и ќе го илустрира степенот до кој гласачите, особено на истокот на земјата, се бунтуваат против главните политички партии, наведува „Политико“.са/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан