• среда, 26 јуни 2024

Виничкиот кикбоксер Лука Змејкоски стана балкански шампион

Виничкиот кикбоксер Лука Змејкоски стана балкански шампион

Виница, 3 јуни 2024 (МИА) – Петнаесетгодишниот Лука Змејкоски, член на кикбокс клубот „Лидер“ од Виница стана балкански шампион кај помладите јуниори во категоријата лоу-кик над 81 килограми.

На Балканското кикбокс првенство, што викендов се одржа во црногорскиот главен град Подгорица, во финалната борба против домашниот кикбоксер Кривокапиќ, Змејкоски избори убедлива победа од 3:0 со што го освои златниот медал и го постигна еден од најголемите успеси во својата досегашна спортска кариера.

Добар настап меѓу кикбоксерите од Балканот имаа и другите двајца членови од виничкиот клуб. Во јуниорска конкуренција во категоријата кик-лајт до 74 килограми Борис Митревски го освои второто место и сребрениот медал. Нина Колева во истата конкуренција кај девојчињата, во категоријата кик-лајт над 70 килограми, беше третопласирана и се закити со бронзен медал.

Членовите на КБК „Лидер“ беа дел од македонската спортска делегација во која имаше вкупно 36 натпреварувачи.

На првенството во Црна Гора настапија вкупно 211 кикбоксери од девет балкански држави. та/дма/

 

фото: МИА

Остани поврзан