• понеделник, 23 декември 2024

Викендов осмо издание на спортско-рекреативната манифестација „Охрид трчаТ 2024“

Викендов осмо издание на спортско-рекреативната манифестација „Охрид трчаТ 2024“

Охрид, 1 јуни 2024 (МИА) – Рекордни 2200 атлети, спортисти и рекреативци од 31 земја најавија учество на 8. Издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“, што викендов ќе се одржува во градот и околината. Гостинка на настанот ќе биде претседателката, Гордана Силјановска Давкова.

- Осмото издание на „Охрид трчаТ“ според статистиката и бројките е рекордно. Особено не радува што во овие години изградивме имиџ и квалитет кои придонесоа бројките да бидат такви какви што се. Изразуваме благодарност на Општина Охрид, градоначалникот Пецаков, на сите јавни претпријатија и СВР Охрид кои несебично ни помагаат за да можеме да ја реализираме нашата визија. Овој настан одамна ги помина границите на Македонија и верувам дека во наредните години тој ќе расте уште повеќе, изјави Иван Цветкоски од АК „Охрид трчаТ“ – организатор на спортската манифестација.

Манифестацијата започна синоќа со „Експото“ на „Охрид трчаТ“, каде натпреварувачите ги подигаа стартните пакети, беше одржана и тематска работилница, а вечерта се одржа и ноќната трка.

За денеска предвидени се рекреативни разгледи на градот и знаменитостите околу Охридското Езеро на гостинските делегации. На пладне ќе се одржи „Warm Up“ со „Имлек протеин“, а во 17 часот ќе се одржи панел дискусија „Децата и спортот“.

Главниот настан ќе се одржува  утре со почеток од 07:45 часот. Стартот на трката на 21 километар е во 08:15 часот, додека трката на пет километри стартува во 9 часот. Новина оваа година е што трката на 21 километар ќе се трча само еден круг, додека трасата на трката на 5 километри останува непроменета.

За учесниците е предвидена и богата забавна програма со диџеи, фан-зони и зони за освежување. За безбедноста и сигурноста на учесниците ќе се грижат бројни волонтери и припадници на охридската полиција и Службата за спасување на планини и непристапен терен на Црвениот крст од Охрид.

- Манифестацијата „Охрид трчаТ“ е од исклучитечно значење за заедницата и сите субјекти вклучени во неа треба максимално да се вложиме за таа успешно да се реализира. Освен сообраќајниот проект, излеговме повеќе пати на терен, посочени се местата каде имало проблеми во минатото со цел да се отстранат. СВР Охрид и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај испланира доволен број службеници за успешно обезбедување на патеката и учесниците. Вклучени се сите наши ресурси и во оваа прилика упатувам апел до граѓаните на Охрид, од кои секогаш имаме разбирање, да ги почитуваат насоките и инструкциите на полициските службеници кои ќе бидат на терен за се да мине во најдобар ред, рече Владо Аслимоски – командирот на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Охрид.

За време на трките во недела, во делови од Охрид на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.

Организаторите на манифестацијата апелираат до граѓаните за разбирање и трпеливост, притоа поканувајќи ги да бидат дел од настаните на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ и на тој начин да придонесат за уште една успешна охридска спортска приказна. аб/ев/

фото/МИА

 

Остани поврзан