• понеделник, 23 декември 2024

Викендов осмо издание на атлетската манифестација „Охрид трчаТ 2024“

Викендов осмо издание на атлетската манифестација „Охрид трчаТ 2024“

Охрид, 29 мај 2024 (МИА) – По изминатиот атлетски викенд со „Охрид Ултра трејл“, и престојниот викенд Охрид во знакот на трчањето – овојпат со осмото по ред издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ 2024“.

Манифестацијата предвидена да се одржува до 2 јуни ќе стартува на 31 мај со Експо, денот ќе продолжи со работилница со „Strech Well“ – Србија, а ќе заврши со „Ноќна трка“ чиј старт е предвиден во 21 часот.

Наредниот ден, в сабота 1 јуни, продолжува Експото, а предвидени се рекреативни разгледи на градот и знаменитостите околу Охридското Езеро за гостинските делегации. На пладне ќе се одржи „Warm Up“ со Имлек протеин, а во 17 часот ќе се одржи панел дискусија „Децата и спортот“.

Главниот настан ќе се одржува во недела на 2 јуни, со почеток од 07:45 часот. Стартот на трката на 21 километар е во 08:15 часот, додека трката на пет клометри стартува во 9 часот.

За учесниците е предвидена и богата забавна програма со диџеи, фан-зони и зони за освежување. За безбедноста и сигурноста на учесниците ќе се грижат бројни волонтери и припадници на охридската полиција и Службата за спасување на планини и непристапен терен на Црвениот крст од Охрид.

За време на трките во недела, во делови од Охрид на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.

Организаторите на манифестацијта апелираат до граѓаните за разбирање и трпеливост, притоа поканувајќи ги да бидат дел од настаните на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ и на тој начин да придонесеме за уште една успешна охридска спортска приказна. аб/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан