Вечер во Гевгелија Самостојна изложба на Горан Боев „Од спомени до боја“
- Во рамки на културната програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, вечер во 19:00 часот во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојната изложба на Горан Боев со наслов „Од спомени до боја“, информираа од Општината.
Гевгелија, 2 октомври 2025 (МИА) - Во рамки на културната програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, вечер во 19:00 часот во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојната изложба на Горан Боев со наслов „Од спомени до боја“, информираа од Општината.
Како што се наведува, овој циклус слики е длабоко личен уметнички израз во кој Боев се навраќа на сопствените спомени и траги од животот, претворајќи ги во бои и облици што ја носат неговата внатрешна светлина.
-Уметникот се обидува да ја отелотвори суштинската емоција- било да се работи за обичен портрет или за цела приказна-при што платното станува простор каде што чувствата, илузиите и спомените се преточуваат во визуелен јазик. Неговото творештво не е само уметничка техника, туку и личен процес на самоосознавање. Сликите не се создадени за да се вклопат во идеализирана претстава за уметноста, туку да ја претстават вистината на уметникот – со сите негови падови и кревања, надежи и сомнежи, се наведува во информацијата.
Се додава дека изложбата „Од спомени до боја“ нуди ретка можност публиката да влезе во интимниот свет на Боев, да ја почувствува неговата искреност и транспарентност во изразот и да ја доживее уметноста како огледало на човековата душа.
Настанот е во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во соработка со Музеј Галерија- Кавадарци и Националната установа Музеј- Гевгелија.
Инаку,Горан Боев е роден 1982 година во Кавадарци, а средно училиште за применета уметност (ДСУПУ „Лазар Личеноски") завршува во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни Уметности (ФЛУ Скопје) во 2005 година, во класата на проф. Благоја Маневски и досега има реализирано над десетина самостојни изложби во земјата и учествувано на многу групни во земјата и странство. рт/дма/
Фото: Општина Гевгелија