• петок, 22 ноември 2024

Џафери за МИА: До 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието, кој ќе ја прими програмата и составот на техничката влада

Џафери за МИА: До 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието, кој ќе ја прими програмата и составот на техничката влада

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Од средината на јануари треба да почнат формално - правните постапки за подготовка за избор техничката Влада која треба да работи на реализација на изборите за народни избраници на 8 мај. Во интервју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е предложен за премиер на техничката Влада изјави дека како ќе се одвиваат овие промени во смисла на тајмингот ќе се знае најверојатно од 9 јануари кога ќе се одржи првата координација со пратеничките групи во 2024 година. Според него, до 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието. 

Овој пат оставка не треба да поднесе само претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, со што во оставка ќе биде и целата Влада, туку и актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој е предложен за технички премиер од неговата матична партија ДУИ. Пред официјално да стане мадатар, на Џафери на посебна седница треба да му биде констатирана оставката, а потоа да биде избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески, како што е предложено од СДСМ. Исто така ќе треба да биде пополнето и пратеничкото место на Џафери од листата ДУИ во Изборната единица 5. Изборот на техничката Влада е предвиден за 28 јануари. 

-Во секој случај тоа се специфични ситуации кои се надвор од оние процедури деловнички кои Деловникот ги пропишува за редовни функции и постапки. Секако дека ќе има посебна седница за избор на претседател на Собрание и секако дека ќе треба да има посебна седница за избор на Влада, затоа што претседателот на Собранието, односно јас како номиниран за функцијата премиер не ќе можам истовремено да сум и мандатар и претседател на Собранието. Од таа причина треба прво да се расчисти прашањето за моето повлекување од Собранието, за  да можам формално да прифатам, вели во интервјуто за МИА Џафери.    

Џафери рече дека најнапред треба да се случи неговото повлекување и изборот на нов претседател на Собранието.  

-Без оглед што сум во оставка додека не се костатира на седница јас формално сум и претседател на Собранието, што значи дека тоа се техниките што ќе треба да ги ставиме во тајминг на којшто работиме во меѓувреме и на наредната средба на 9 јануари е редовната координација и дотогаш ќе ги имаме расчистено сите ситуации и да можеме да дадеме конкретна динамика, на која седница и како. Но, во секој случај мора да оди моето повлекување и избор на новиот претседател за да може да има претседател (на Собранието), којшто ќе прими програма и состав на новата Влада, вели Џафери. 

Според него, некаде до 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието. 

Следен на листата на пратеници во ИЕ 5 што треба да го замени во Парламентот е министерот за образование Јетон Шаќири, а ако, како што вели Џафери, евентуално тој остане во составот на Владата, наредниот после него е Муса Ибраими. 

Интервјуто со Џафери во кое зборуваме за неговата работа во Собранието, за новиот Деловник што треба да се применува од наредниот собраниски мандат, за соработката со опозицијата и нападите кон него, за изборот на член на ДИК, за предизвикот зошто да се биде премиер во техничка влада, за тоа дали ќе се кандидира повторно на изборите ќе биде објавено во наскоро со видео материјал. ев/ац/

Остани поврзан