Велигденска порака на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх Киро Стојанов
- Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод празникот Воскресение Христово – Велигден упати порака која ја пренесуваме во целост.
Скопје, 4 април 2023
Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод празникот Воскресение Христово – Велигден упати порака која ја пренесуваме во целост.
Ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша (1 Кор 15,17)
Драги браќа и сестри!
Велигден е најголем христијански празник. Сите други христијански празници се засноваат и го добиваат своето значење од настанот на Исусовото воскресение. Велигден можеме правилно да го разбереме само од перспективата дадена во Евангелието: „Го барате Исус Распнатиот! Не е овде! Воскресна, како што беше рекол. Дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете бргу и кажете им на учениците Негови дека Тој воскресна од мртвите“ (Матеј 28,5-7). Исус, кој умре на крстот, повеќе не е во гробот. Тој е жив! Воскресна!
Велигденската порака што ангелот им ја кажал на жените рано наутро на првиот ден од седмицата, кога после саботниот одмор дошле на Исусовиот гроб да му оддадат почит на мир, бидејќи немале време да направат се како што треба на денот на погребот, стана основна вистина на христијанската вера. Не е овде. Воскресна! Апостол Павле во своето послание до Коринтјаните пишува: „Ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови. Тогаш и оние, што умреле за Христос, пропаднале“ (1 Коринтјаните 15,17-18). Но, Павле е длабоко убеден во Христовото воскресение. Ја примил благодатта да се сретне со воскреснатиот Господ пред портите на Дамаск и после тоа можел со сета сигурност да каже: „Христос воскресна од мртвите, првенец на упокоените“ (1 Коринтјаните 15,12). Тој продолжува да објаснува што ова конкретно значи за нас: „Победата ја проголта смртта“. „О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“ (1 Коринтјаните 15,54-55). Со тоа се изразува надежта која пред очи го има христијанскиот лик на човекот – надеж за вечен живот, надеж за воскресение на телото.
Современите истражувања ни покажуваат дека луѓето на „христијанскиот“ Запад во голема мера се убедени во некаков облик на живот после смртта, но прашање е колкав процент од луѓето вклучени во овие истражувања сè уште веруваат во воскресение на телото. Затоа што денес кај нас постои тренд на флертување со алтернативни форми на нова религиозност, каде верувањето во задгробниот живот се манифестира во форма на трансмиграција, преселување на душите, но на запад тоа е малку изменето, за разлика од источните религии, па повторното раѓање се сфаќа како шанса по пропаднат и резигниран живот, во смисла: „Можеби ќе ти биде подобро во следниот живот“.
Христијанската вера во воскресението на мртвите гледа на сето тоа сосема поинаку. За христијанинот телото и душата претставуваат нераскинлива целина, човекот како личност со душа и тело. Нашата вера во воскресението го гледа откупувањето на човечкиот род како Божја благодат. Не е човекот тој што мора да го постигне совршенството на својата хуманост, туку тоа е дар од Бога. Дури и животот што е нецелосен според човечките мерила, го наоѓа своето довршување во Бога. Искупувањето ни се дава во смисла дека ни се дава надеж, сигурна надеж, благодарение на која полесно се носиме со сегашноста. Сегашниот момент, колку и да е тежок, може да се живее и прифати ако води до цел, ако можеме да бидеме сигурни во таа цел и ако целта е толку голема што го оправдува вложениот труд во патувањето.
Благопокојниот папа Бенедикт Шеснаесетти, кој oваа година на новогодишната ноќ премина во домот на Небесниот Отец, во енцикликата „Spe salvi“ објавена на 30 ноември 2007 година, зборува за теолошката основа на надежта и човековото откупување: „Човекот не го откупува науката. Човекот е откупен со љубов. Тоа вреди веќе на овој свет. Кога некој има искуство на голема љубов, тоа е моментот на „откуп“ што му дава нова смисла на неговиот живот. Но, набргу сфаќа дека љубовта што му била дадена, сама по себе не го решава проблемот на неговиот живот. Тоа е љубов која останува кревка. Може да биде уништена со смртта. На човечкото суштество му треба безусловна љубов. Ни треба гаранција за да можеме слободно да кажеме: „Ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нè оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 8,38-39). Ако постои оваа апсолутна љубов со нејзината апсолутна сигурност, тогаш – и само тогаш – човекот е ‘откупен’, без разлика што му се случило во одредени животни околности“.
Папата истакнува дека и во наше време концептот на надеж не недостасува, туку е погрешно поставен. Резултатот е како Вавилон, каде што гревот не е победен и секој поединец се натпреварува за сопствената идеја за надеж и сопствена желба. Човек не може правилно да размислува за надежта без да се врати на крстот. Во личноста на Исус, Бог ги презел сите човечки страдања. Од крстот, Исус му вели на секој човек кој ќе се најде сам, кој страда напуштен и очаен или горд и арогантен: „Јас сум со тебе и ќе те воскреснам“.
Христос умре и воскресна за нас. Токму тоа ја прави нашата велигденска радост. Со своето воскресение, тој го победи нашиот грев, нашето страдање, нашата смрт. Тој ја отвори вратата за нов живот, за полнотата на животот во Бога. Самиот тој вели: „Дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Иван 10,10). Обилниот живот е вечен живот кој започнува во моментот кога ќе дојдеме кај Христа и ќе го примиме како Спасител. Тоа трае вечно.
Христијанската порака за воскресението на мртвите, за откупувањето преку Исус Христос, нè ослободува од секоја принуда и ни ја дава слободата на Божји деца. Ова нѐ исполнува со радост, бидејќи знаеме дека ни е дадена Божјата љубов – новиот живот.
На сите им посакувам среќен Велигден и благословени Велигденски празници. Амин! Алилуја! Христос воскресе!
Ваш бискуп/епископ
+ Киро Стојанов
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.