• недела, 22 декември 2024

Вашингтон неутрализираше долгогодишен руски систем за кибер-шпионажа

Вашингтон неутрализираше долгогодишен руски систем за кибер-шпионажа

Вашингтон, 9 мај 2023 (МИА) – САД денеска соопштија дека го неутрализирале шпионскиот софтвер наречен „Змија“ (Snake) за кој велат дека руското разузнавање многу пати го користело против земјите-членки на НАТО во изминатите 20 години.

- Благодарение на операцијата со висока технологија што го сврте овој злонамерен руски софтвер против себе, американските безбедносни сили неутрализираа една од најнапредните руски контраразузнавачки алатки, рече заменик-јавниот обвинител Лиза Монако во соопштението.

Прекината е долгогодишната руска кампања за кибер-шпионажа во која беа украдени чувствителни информации од компјутерските мрежи на десетици земји, вклучително и САД и други земји од НАТО. Обвинителите ги поврзаа шпионските операции со единицата на руската Федерална служба за безбедност, или ФСБ, и ги обвинија хакерите за кражба на документи од стотици компјутерски системи кои припаѓаат на владите на НАТО.

- Дваесет години, ФСБ се потпираше на малициозниот софтвер Змија за да спроведува кибер-шпионажа против САД и нашите сојузници … тоа завршува денес, изјави помошникот јавен обвинител на САД, Метју Олсен, шеф на Одделот за национална безбедност на американското Министерство за правда.

Специфичните цели на овие кибер-напади не се именувани, но американските власти ја опишаа шпионската кампања како значајна, и дека успешно извлекувала чувствителни документи од земјите на НАТО, како и дека била насочени кон американските владини агенции и други во САД. јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан