• вторник, 24 декември 2024

Вархеји: Не сакаме да губиме веќе ниту еден момент и веднаш почнуваме со „акито“

Вархеји: Не сакаме да губиме веќе ниту еден момент и веднаш почнуваме со „акито“
Скопје, 19 јули 2022 (МИА) – Денеска е важен момент за сите и влегуваме во нови односи. Не сакаме да губиме веќе ни еден момент и веднаш почнуваме со Акито, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји  на воведниот состанок во Брисел со кој беше означен почетокот на скрининг процесот со Албанија и Северна Македонија. -Скрининг процесот што го почнуваме денеска е првиот чекор што го правиме. Процесот што го почнуваме денеска се темели на добрата работа што ја завршивме досега. За ова се подготвувате со години и можам да кажам дека ќе бидеме со вас и дека ќе ја понудиме секоја помош што ќе ви треба, рече Вархеји. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во своето обраќање на македонски јазик во седиштето на ЕУ истакна дека без помошта и поддршката на еврокомесарот Вархеји денеска немаше да бидеме тука. --Патувањето што заеднички го почнуваме денеска нема да биде лесно, но знаеме дека нема да бидеме сами на тој пат. Сметаме на Европската комисија и да имаме дополнителна помош преку европските фондови. Ова е момент кој го чекаме веќе две децении, 21 година по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација и 17 години по добивањето кандидатски статус заслужено сме денеска тука. Никогаш не отстапивме од транспонирање на европското законодавство, рече Маричиќ. Веруваме, посочи, дека новата методологија ќе даде нов поттик на пристапните преговори. -Очекувам да ја покаже и докаже својата основна цел динамизирање на пристапните преговори. За нас е многу важно да знаеме како ќе се примени. Би сакале да предложиме дополнителни состаноци на техничко ниво за вашите служби детално да информираат како ќе се одвива новата методологија за скрининг за да знаеме како и што  треба да направиме во годините што следат. Убеден сум дека врз досега научените лекции ќе може да се подготвиме подобро за скринингот, истакна Маричиќ.   Најави дека во наредните недели ќе се финализира и операционализира стратегијата за преговарање донесена во 2018 година. Како што кажа, ќе се зголемат и капацитетите за преведување на македонски јазик и ќе се создадат механизми за навремена комуникација со македонските граѓани. -Нашата заложба да станеме полноправна членка на ЕУ никогаш не била доведена во прашање и убеден сум дека со скринингот ќе се засили. Се надевам дека и ЕУ ќе биде подготвена да не пречека. Почнуваме процес кој ќе бара ангажман на целото општество. Процес важен и не многу лесен, но кој ќе заврши со членство во ЕУ што е наш сон, истакна Маричиќ. Министерот за надворешни работи Бујар Османи го оцени денешниот ден како историски кој долго го очекуваме и во неколку владини состави работевме напорно за да се оствари. -Патот до тука не беше ни малку лесен, но нема да се враќаме на минатото. Нашиот поглед е свртен кон иднината и обврските кои треба да ги исполниме. Од нас ќе зависи да ги мобилизираме нашите ресурси за што побрзо да дојдеме до европското семејство кон кое цивилизациски припаѓаме. Вашата поддршка и драгоцени упатства од сега ќе бидат уште попотребни. Ве уверувам дека нашиот тим е подготвен да ги исполни сите поглавјата, рече Османи.   На македонските граѓани им порача дека како и досега нема да ги изневерат и секојдневно ќе одговараат на нивните барања и грижи и додаде дека и досега немало компромиси за националното, етничкото и човечкото достоинство. -Билатералните прашања кои не се копенхашки критериуми нема да бидат дел од Преговарачката рамка, рече Осамни и посочи дека земјава ќе остане доследна на спроведувањето на Преспанскиот и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Тоа, како што кажа, го очекува и од другите партнери. Вети дека во овие времиња полни со неизвесности цврсто ќе останеме на заедничката европска политика како што правевме и досега. вј/бак/

Остани поврзан