• петок, 22 ноември 2024

Ванковска од Охрид: Нема да дозволам внесување на Бугарите во Уставот, во мојот мандат сосема нов Устав

Ванковска од Охрид: Нема да дозволам внесување на Бугарите во Уставот, во мојот мандат сосема нов Устав

Охрид, 13 април 2024 (МИА) – Во рамки на предизборните активности, средби и разговор со граѓаните денеска во Охрид имаше и Билјана Ванковска, кандидатката за иден претседател на државата предложена од партијата Левица.

Таа на граѓаните на Охрид, како што рече, во отсуство на вистинска дебата со услови на поставувани нереални услови како од противкандидатите така и од националниот сервис, им порача не само да уживаат во убавините на Охрид и сонцето, туку малку и да го разбудат духот, бидејќи, како што посочи, ова е време во кое се одлучува за иднината.

Ванковска истакна дека Охрид, градот на УНЕСКО, на културата, градот на она со што би требало да се гордееме, станува град на дивоградби, на неказнивост, град на локални шерифи кои во меѓукоалициски договори избегнуваат почитување на законите.

- Како левичар морам да го посочам и примерот на отстранувањето на спомен-плочата од антифашистичкото наследство, безобразно тргната од Нефи Усеини заради изградба на негови објекти, рече таа.

Ванковска потсети дека Охрид е загрозен и од еколошка смисла, нема проблем што не се вкрстува во овој град, во овој крај, во овој регион.

- Се обидуваме непосредно, лице во лице да зборуваме со граѓаните за се она за што противкандидатите сакаат да зборуваат од бини, заштитени зони. Ние работиме на начин што нам ни е достапен, рече таа, истакнувајќи дека во нејзината програма има аспект што се однесува на заштитата на животната околина. Како што рече, претставник е од Македонија на т.н. Хаикоу иницијатива составена од научници од целиот свет, кои работаат на проекти во кои се обидува да се алармира за загрозеноста на животот на планетата. Таа рече дека за тоа прашање секој мора да почне да биде активен најпрво од дома, а Охрид е вистинско место да се почне со таква агенда.

Ванковска ја искористи можноста од Охрид да зборува и за актуелната тема на претседателските избори, а тоа е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

- Бугарската јавност, историографија дури го смета Охрид за колевка на бугарштината. Како иден претседател нема никогаш да дозволам внесување на Бугарите во Уставот, затоа што имам план сосема нов устав. Морам да порачам дека сите бајки за одложено дејство на уставни измени се само замка ќе влеземе исто како со Преспанскиот договор...рече таа.

Како што рече, нејзината програма предвидува иницијатива за донесување сосема нов устав.

- Последниот збор секако го има Парламентот и двотретинско мнозинство. Меѓутоа, ако низ дебата на консултативен процес со граѓаните направиме како што направи Чиле, со уставотворно, народно собрание да понудиме нов модел на модерен устав ставен на увид на јавноста. Сакате ваков трибалистички, етнонационалистички кој не дели, или сакаме да бидеме држава од 21 век, рече кандидатката на Левица за иден претседател на државата. аб/мд/

фото/МИА

Остани поврзан