• петок, 05 декември 2025

Бујар Османи: Овие избори се референдум за Европа, а не за олигархијата и „српскиот свет“

Бујар Османи: Овие избори се референдум за Европа, а не за олигархијата и „српскиот свет“

7 септември 2025

„Најважно за прашањето на Европската Унија е да немаме партиски поделби. Тоа го барам со години, да постигнеме консензус. Нема поголемо прашање за граѓаните од членството во ЕУ“, изјави кандидатот за градоначалник на Чаир и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, се наведува во денешното соопштение на ДУИ, што МИА го пренесува во целост.

Тој нагласи дека соседите Албанија и Црна Гора со брзи чекори одат кон ЕУ, додека Македонија заостанува поради политички игри.

„Знаете ли дека Албанија веќе ги отвора последните поглавја и има ветување за членство до 2029 година? А ние? Се е блокирано“, рече Османи, потсетувајќи дека најтешките спорови со Бугарија, прашањето за македонскиот јазик и посебноста на македонскиот народ, веќе се решени со преговарачката рамка.

„Со поддршка и од Софија, обезбедивме Европската Унија чисто да го признае македонскиот јазик, прашање затворено еднаш засекогаш. А со внесувањето на Бугарите како малцинство во Уставот, се потврди посебноста на македонскиот народ. Двете најголеми прашања се надминати. Секој што ја оспорува рамката, ја оспорува иднината,“ истакна тој.

Според Османи, проблемот е политички.

„Оваа влада нема амбиција за членство во ЕУ. Секој чекор кон Европа значи излез од српскиот свет и удар врз олигархијата која го држи монополот и ги спонзорира партиите. Тоа е вистината, власта намерно го блокира европскиот пат,“ рече Османи.

Тој предупреди дека на локалните избори во Чаир граѓаните ќе избираат меѓу два концепти:

„Едниот што сака да го откочи европскиот пат, да го заштити соживотот и Рамковниот договор, и другиот што сака да го закочи, да не приближи кон српскиот свет, да го уништи Рамковниот договор и меѓуетничките односи. Овие избори се референдум,“ подвлече Османи.

Тој додаде дека нема перспектива за државата освен членство во Европската Унија.

„Тоа значи мир, просперитет, достоинство. Јас ќе бидам најголемиот поборник за Европа, без разлика на функцијата што ја извршувам.“

На 19 октомври, нагласи Османи, Чаир ќе ја испрати јасната порака:

„Дајте им на граѓаните европска иднина, а не бугарски пасоши од мака.“

 

Бујар Османи, кандидат за градоначалник на Општина Чаир, денеска се обрати до јавноста за еден од најкомплексните проблеми на општината, прашањето со бездомните кучиња.

„Сите сме сведоци дека проблемот со бездомните кучиња во Чаир стана една од најсериозните предизвици за нашата општина. Кога се движам низ улиците, низ парковите или покрај училиштата, речиси секогаш наидувам на групи бездомни кучиња. Тоа предизвикува страв кај жителите, особено кај децата и постарите луѓе,“ истакна Османи.

Тој најави јасен и изводлив план кој, според него, е во согласност со европските стандарди и гарантира хуманост и ефикасност. Кучињата ќе се собираат од територијата на општината и веднаш ќе се стерилизираат. Тие ќе остануваат најмногу еден ден во транзитна локација во Чаир, под ветеринарен надзор и во соодветни услови. Потоа, преку соработка со организации кои професионално се занимаваат со третман на бездомни кучиња, ќе продолжат со постоперативна нега, вакцинација, микрочипирање и подготовка за вдомување.

„Ова е модел кој е усогласен со европските стандарди. Нема импровизации, нема ад хок решенија. Имаме јасен редослед: собирање, стерилизација, краток престој, понатамошен третман и трајно решение во прифатилиште,“ нагласи Османи.

Тој додаде дека секој месец јавноста ќе биде информирана преку извештаи за бројот на собрани, стерилизирани и третирани кучиња, со што ќе се гарантира транспарентност и отчетност пред граѓаните.

„Нашата цел е јасна: Чаир да стане пример за тоа како една општина може да се справи со овој проблем на хуман и системски начин. Ова не е само мерка за животните, ова е мерка за квалитетот на живот на сите жители. Ќе се посветам ова решение да биде спроведено од самиот почеток на мојот мандат, затоа што верувам дека со вакви чекори градиме Чаир што се грижи и за луѓето, и за животните, и за европските вредности,“ заклучи Османи.

ДУИ

Остани поврзан