• понеделник, 23 декември 2024

Бугарските пратеници и министри се откажаа од платите за време на вонредната состојба

Бугарските пратеници и министри се откажаа од платите за време на вонредната состојба
Софија, 6 април 2020 (МИА) - Дебатата за висината на пратеничките плати за време на вонредната состојба во Бугарија, на денешната парламентарна расправа доби целосен пресврт, откако пратениците на владеачката партија ГЕРБ изненадувачки се откажаа од претходната идеја нивните плати да бидат „замрзнати“ и поднесоа предлог целосно да се откажат од нив до крајот на вонредната состојба, пренесе БГНЕС.

На овој начин на народните претставници и натаму ќе им се плаќа осигурувањето, но додека не се укине вонредната состојба во земјата, прогласена на 13 март, целата нивна плата ќе биде префрлана на сметката на Министерството за здравство, за државата да ги користи во борбата против ширењето на Ковид-19.

Освен за пратениците, оваа  најнова мерка ќе важи и за министрите и нивните политички кабинети, како и за претседателите на државните и извршните агенции.

Идејата пратениците  да го подаруваат своите плати наиде на широко одобрување меѓу останатите политички партии во земјата.

-Горд сум на оваа одлука, искоментира лидерот на „Волја“ Веселин Марешки, кој претходно денеска инсистираше пратеничката плата да се изедначи со минималната плата во земјата, што во моментов изнесува 610 лева.

Борис Јачев од „Обединети патриоти“, исто така, изрази задоволство од одлуката на коалициските партнери.

-Задовелен сум и горд што сум дел од овој парламент, рече тој од говорницата. сд/

Остани поврзан