• недела, 07 јули 2024

Бугарската преведувачка Екатерина Петрова ќе ги преведува расказите на Румена Бужаровска

Бугарската преведувачка Екатерина Петрова ќе ги преведува расказите на Румена Бужаровска
Скопје, 9 јуни 2022 (МИА) – Во рамки на проектот „Превод во движење“ (Translation in Motion) на преведувачка резиденција во Скопје престојува преведувачката од Бугарија, Екатерина Петрова. Петрова на преведувачка резиденција во Скопје ќе ги преведува расказите на Румена Бужаровска. Како што информираат од тимот на издавачката куќа „Готен“ за време на својот престој, Екатерина Петрова ќе работи на преводот на бугарски јазик на збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска. Екатерина Петрова е книжевна преведувачка и авторка на есеистички книги. Има завршено постдипломски студии за книжевен превод на Универзитетот во Ајова, САД. Активно се занимава со превод на дела од бугарски автори на англиски јазик и обратно, а предава превод и на Универзитетот во Софија. „Превод во движење“ е меѓународен проект кој опфаќа резиденции на книжевни преведувачи во Франција, Шведска, Велика Британија, Летонија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Албанија и Србија. Целта на проектот е да се зголеми соработката меѓу книжевните преведувачи од земјите во кои се реализира и да се интензивира книжевната размена во земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на преведувачките резиденции, преведувачите и преведувачките работат на конкретен книжевен превод, кој потоа ќе биде објавен во нивните земји. Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. свс/ац/

Остани поврзан