• понеделник, 30 декември 2024

Бубевски: Во случајот со убиството на Вања и Панче нема нови осомничени лица

Бубевски: Во случајот со убиството на Вања и Панче нема нови осомничени лица

Скопје, 31 јануари 2024 (МИА) - Шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, на денешниот брифинг со новинарите рече дека во случајот со убиството на Вања и Панче нема нови осомничени лица и не гледа пречка постапката за екстрадиција од Турција на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо да заврши брзо. 

На денешниот брифинг со новинарите тој сподели дека предметот е во сериозна фаза.

- Нема нови осомничени лица. Предметот е во фаза на истрага. Правниот дел во делот за екстрадиција е завршен. Останува делот од Турција, за кој што немам последни сознанија. Предметот е веќе во средна, сериозна фаза, можеби за брзо ќе има нешто кога ќе заврши екстрадицијата и не гледам никаква пречка тоа да се заврши брзо.

Во врска со партијата Десна, која продолжи со работа, а дел од осомничените се членови, Бубевски додаде дека нема докази дека партиски влијанија имале некаква врска со дејствијата во случајот.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември. 

За нивното убиство се товарат Љупчо Палевски Палчо, кој е во привремен затвор во Турција, Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и Стефан Димковски кој се сомничи дека му помогнал на Палчо да избега во Турција. ар/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан