• понеделник, 23 декември 2024

Британскиот крал Чарлс присуствуваше на велигденската богослужба во Виндзор

Британскиот крал Чарлс присуствуваше на велигденската богослужба во Виндзор

Лондон, 31 март 2024 (МИА) - Британскиот крал Чарлс Трети заедно со кралицата Камила денеска присуствуваше на велигденската богослужба во замокот Виндзор, што е негов најзначаен јавен настап откако во февруари му беше дијагностициран рак.

На оваа служба традиционално присуствува целото кралско семејство, но оваа година тоа не беше случај. Принцезата од Велс Кејт Мидлтон, која неодамна започна со хемотерапија, поради канцерот, не присуствуваше на богослужбата, како и принцот Вилијам и нивните три деца Џорџ, Шарлот и Луи.

Од службата отсуствува и помладиот брат на Вилијам, Хари и неговото семејство, кои живеат во Калифорнија.

Појавата на 75-годишниот монарх се смета за обид да се смири јавноста откако Чарлс се повлече од јавните должности на почетокот на февруари, кога Бакингемската палата објави дека се лекува од рак.

Кралот продолжи да ги исполнува своите државни должности, како што се разгледување на владините документи и средби со премиерот.

Но, присуството на традиционален кралски настан, како што е велигденската служба, се смета за знак дека започнува неговото успешно враќање во јавниот живот. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан