• недела, 24 ноември 2024

Британска министерка исмеана затоа што им предложи на граѓаните да јадат ротквици поради недостиг на зеленчук

Британска министерка исмеана затоа што им предложи на граѓаните да јадат ротквици поради недостиг на зеленчук

Лондон, 23 февруари 2023 (МИА) – Британската министерка за животна средина Тереза Кофи денеска беше предмет на потсмев затоа што предложи граѓаните да јадат ротквици поради недостигот на овошје и зеленчук, особено домати и пиперки.

Поради недостигот, продавниците ги ограничија количините на овошје и зеленчук што им ги продаваат на купувачите поединечно, за да има доволно за сите.

Недостигот е последица на лошите временски услови во јужна Европа и северна Африка, од каде се увезуваат овошје и зеленчук, соопшти Британската федерација на трговци на мало.

Тереза Кофи денеска во парламентот изјави дека недостигот може да трае две до четири недели.

- Супермаркетите сè уште увезуваат премногу производи … Всушност, треба да јадеме повеќе сезонски производи и да ги поддржуваме нашите британски фармери, одговори Селен Саксби, пратеничка на британската владејачка Конзервативна партија.

- Важно е да ги негуваме специјалитетите што ги имаме во оваа земја, и одговори министерката и додаде дека многу луѓе треба „да јадат ротквици наместо да размислуваат за зелена салата, домати или слични работи“.

Министерката додаде дека разбира оти потрошувачите сакаат широк избор во текот на годината.

Нејзината изјава наиде на критики, поради што неименуван портпарол на британската влада застана зад неа велејќи дека сакала да ги истакне домашните производи.

– На крајот на краиштата, поединци треба да одлучат каква храна сакаат да купат, додаде портпаролот, нагласувајќи дека недостигот не е последица на повлекувањето на Велика Британија од Европската унија (Брегзит). јт/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан