• сабота, 06 јули 2024

Брегалница Делчево есенски шампион во Третата фудбалска лига – Исток

Брегалница Делчево есенски шампион во Третата фудбалска лига – Исток
Делчево, 20 декември 2020 (МИА) - Фудбалерите на делчевска Брегалница се есенски шампиони во Третата фудбалска лига - Исток. Во последниот натпревар во ова натпреварување тие ја совладаа екипата на ОФК „Малеш“ од Берово со 2:0. Домашната екипа беше подобра од гостите од Берово и со погодоците на Марковски и Гоцевски во финишот од двете полувремиња ги освои потребните три бодови за титулата есенски шампиони. За тренерот на екипата Гоце Попов победата беше очекувана и она што беше договорено со играчите беше остварено на терен. - Се покажа дека жустрината кај гостите не е доволна за нивна победа, затоа што Брегалница покажа дека е подобар противник. Она што го договориме во соблекувалната го остваривме на терен и победата дојде сама по себе. Ако имаме стабилни финансии можеме да очекуваме да бидеме први и во пролетниот дел од сезоната и да влеземе во Втората лига, истакна Попов. Сплотеноста во екипата е клуч за ова што го постигнаа фудбалерите смета еден од капитените во екипата Даниел Анастасовски. - Јас сум задоволен од сите играчи и се надевам дека ќе го задржиме истиот играчки кадар со можеби неколу засилувања, за да ја оствариме нашата цел, рече Анастасовски. За успешно довршување на сезоната екипата од Делчево од буџетот има на располагање 600 илјади денари, но од страна на локалната самоуправа на последниот буџетски форум беше најавена пренамена на средства во 2021 година и повеќе средства за клубот кој се бори за влез во повисок ранг на натпреварување. вс/зс/

Остани поврзан