• понеделник, 23 декември 2024

Брачен пар со три деца од Литванија воодушевени од македонските убавини 

Брачен пар со три деца од Литванија воодушевени од македонските убавини 

Кавадарци, 22 септември 2024 (МИА) - Брачен пар од Литванија со своите три деца воодушевени од убавините на земјава годинава наместо првично планираните ден-два останале 12 дена. За македонските природни убавини се информирале од интернет и од нивни блиски роднини кои ја посетиле државава.

Манта и Маркос, кои беа во посета на Винскиот музеј во Кавадарци, велат дека се вооодушевени од македонските убавини. Заедно со трите деца ги разгледуваа експонатите во Музејот и внимателно слушаа за винската приказна на регионот, љубопитно распрашувајќи се и сакајќи да откријат што е можно повеќе за земјата.

- Сакаме природа, вкусна храна и добро вино. На почетокот, кога размислувавме за тоа каде да одиме на одмор, разгледувавме и други опции. Но, кога на интернет видовме какви се македонските природни убавини и кои се другите можности вклучени во туристичката понуда, интересни работи и места, сфативме дека македонските убавини заслужуваат да бидат видени. Така одлучивме и го направивме нашиот избор и не згрешивме. Освен убавините со кои располага земјата, многу голем впечаток ни оставија и луѓето кои се пријателски расположени, велат тие во изјава за МИА. 

Нивната посета на земјава ги вклучила Скопје, Охрид и Маврово и Тиквешијата како срцето на лозаровинарството.

- За Винскиот музеј дознавме преку интернет и решивме да го посетиме. Самите си ги организираме посетите. Всушност и ние не планиравме да останеме толку долго овде. Првично мислевме на ден или два, ама многу ни се допадна, па решивме да останеме повеќе од предвиденото. Така отпадна првичниот план, по неколку дена од одморот да поминеме и во Албанија и Хрватска, на море, велат тие. 

Откриваат дека им се допаднало македонското вино, нагласувајќи дека за овој период од годината најмногу им одговара белото и розе вино. 

Нивни домаќин во Винскиот музеј беше музејскиот работник Зоран Станоев - Дејзи кој им раскажуваше за историјата, традицијата и културата на лозаровинарството во Тиквешијата како најголем лозаровинарски регион. 

Нивните деца внимателно слушаа за тоа како некогаш се обработувала земјата, како се раѓа грозјето, кои производи може да се добијат од гроздовите зрна. Тие како да сакаа сликите од овој годишен одмор трајно да се врежат во нивните спомени и со задоволство да се сеќаваат на нив, дури и кога ќе пораснат. За да можат да раскажуваат. свд/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан