• понеделник, 23 декември 2024

Борел: Русија и Белорусија веднаш да ги ослободат сите политички затвореници  

Борел: Русија и Белорусија веднаш да ги ослободат сите политички затвореници  

Брисел, 2 август 2024 (МИА) - Европската Унија чувствува олеснување поради ослободувањето и пуштањето надвор од Русија и Белорусија на голем број политички затвореници, вклучително и европски граѓани, процес спроведен со помош на Турција, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.  

- Ослободените активисти, заштитници на човековите права и новинари беа неправедно прогонувани и затворани од страна рускиот и белорускиот режим поради политички причини и држени во неподносливи услови. Политичките затвореници и сите оние кои се уште неправедно се притворени во руските и белоруските затвори мора веднаш и безусловно да бидат ослободени, наведува Борел во изјавата по повод ослободување на голем број политички затвореници во Белорусија и Русија. 

Во рамките на ова размена на затвореници, кој се проценува како најголема по крајот на Студената војна, врз основа на договорот постигнат меѓу, како што беше соопштено „Русија, САД и неколку други земји“ со посредство на Турција, беа ослободени 26 лица. 

Од руските затвори беа ослободени 16 политички затвореници - седуммина Руси, петмина Германци, тројца Американци и едно лица со британско и руско државјанство. Меѓу ослободените се новинарите Алсу Курмашева и Еван Гершкович, поранешниот американски маринец Пол Вилан и рускиот опозициски политичар Владимир Кара-Мурза. 

Во исто време од затвори во САД беа ослободени четворица Руси, меѓу кои и ИТ-експертот поврзан со Кремљ, Владислав Кљушин и бизнисменот обвинет за перење пари Александар Виник, а уште шест лица беа пуштени од затворски установи во Полска, Словенија, Норвешка и Белорусија. 

Претходната најголемата размена на затвореници меѓу САД и Русија по Студената војна се случи во 2010 година, кога беа ослободени вкупно 14 лица – 10 од американските и четири од руските затвори. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан