• понеделник, 23 декември 2024

Богоев: Турскиот државјанин сакал да ги пренесе обврзниците во странска држава, спречен можен меѓународен криминал

Богоев: Турскиот државјанин сакал да ги пренесе обврзниците во странска држава, спречен можен меѓународен криминал

Скопје, 9 август 2023 (МИА) - Запленетите обврзници во висина од 92 милиона долари не биле на име на странскиот државјанин кој на 28 јули годинава се обидел да ги пренесе преку државава во странство, соопшти Царинската управа.

Според директорот на Управата, Стефан Богоев, се води финансиска истрага со цел докажување дали станува збор за обид за измама или за перење пари.

-Соработуваме и со многу меѓународни партнери бидејќи сè во однос на овој случај е поврзано со странски банки, странска фирма и странски државјанин. Единствено е што обврзниците се лоцирани на наша територија и оттука секоја меѓународна помош е добредојдена, затоа што сè подлежи на детални и сериозни проверки. Контактирани се повеќе институции од коишто очекуваме да ни помогнат и сериозно да се вклучат, истакна Богоев во гостување на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Тој потенцира дека должност на Царинската управа е детално да провери дали се работи за обид за измама, обид за перење пари или финансирање нелегални активности. Тоа е во насока на расветлување на случајот.

-Замислете каква би била реакцијата доколку некој патник вака се прошета и потоа во Германија, Франција, Италија, Шпанија се случи нешто што не треба. Да почне истрагата и од таму да се врати наназад и да произлезе дека патникот поминал на скопскиот аеродром без контрола. Наша обврска е да целосно и детално да извршиме проверка. Јас сум задоволен како досега Царинската управа ја водеше постапката и повторно се заблагодарувам на царинските службеници и шефот на царинска испостава Аеродром Скопје за успешно завршената работа, нагласи Богоев.

Патниците кои поминуваат на „зелен канал“, објаснува директорот, значи дека немаат ништо за пријавување. Притоа, нивниот багаж поминува низ скенер при што детално се гледа што имаат во куферите. Во конкретниот случај тоа биле 184 обврзници со поединечна вредност од 500 илјади долари или вкупно 92 милиони евра. Дополнително сомнително било што лицето давало конфузни изјави и не бил конзистентен во одговорите на прашањата од страна на царинските службеници и инспекторите од Секторот за контрола и истраги. 

Богоев потенцира дека Царинската управа ќе продолжи да ја информира јавноста за тоа што може да се пренесе преку граница, што граѓаните можат да носат со себе и што мора да пријават.

-Со правилна едукација, но и санкции за оние кои се обидуваат да ги прекршат законите, Царинската управа продолжува со посветеност на борбата против криминал и заштита на општеството, наведува директорот во интервјуто. мч/са/

фото: Царинска управа

Остани поврзан