• понеделник, 23 декември 2024

Богоев: Со воведување на нови технологии, зајакната меѓуинституционална соработка и подобрување на инфраструктурата го поттикнуваме растот на трговијата во регионот

Богоев: Со воведување на нови технологии, зајакната меѓуинституционална соработка и подобрување на инфраструктурата го поттикнуваме растот на трговијата во регионот

Скопје, 21 јули 2023

Директорот на Царинската управа Стефан Богоев и неговиот заменик Муарем Асани со раководниот тим, денес одржаа состанок со високи претставници од Светска Банка, предводени од регионалниот менаџер за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи. На состанокот се дискутираше за имплементацијата на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, финансиран со заем од Светска Банка.

Имплементацијата на Национален едношалтерски систем ќе овозможи хармонизирани процеси за обработка на дозволите од прекуграничниот проток на стоки, а со тоа и забрзување на прекуграничната трговија согласно стандардите и најдобрите практики на земјите од Европска Унија. Оваа компонента од Проектот, Царинската управа како водечка институција ја спроведува заедно со агенциите и инспекциските служби учесници во царинските постапки. Согласно сегашниот статус на реализација на активностите, се очекува системот да биде пуштен во примена до крај на 2025 година, како што е и предвидено со Договорот.

Компонентата од Проектот која опфаќа модернизација и реконструкција на граничните премини, ќе овозможи надградба и подобрување на инфраструктурата на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, со цел побрзо завршување на царинските формалности и олеснување на прекуграничниот проток на патници и транспорт на стоки. 

Преку овој Проект, Царинската управа воведува и нов Систем за видео надзор интегриран со систем за автоматско распознавање на регистарски таблички. Со имплементација на оваа опрема ќе се овозможи добивање на квалитетни и навремени информации за постигнување на крајната цел - борба против недозволена трговија и криминал, заштита на финансиските интереси на државата, безбедноста и здравјето на граѓаните.

Директорот Богоев истакна дека Царинската управа останува посветена на навремено спроведување на активностите од овој Проект, кои се во насока на заложбите за олеснување и забрзување на протокот на стоки, намалување на трошоците за учесниците во царинските постапки и подобрување на безбедноста на границите.

Фото: Царинска управа

Царинска Управа

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки. 

Остани поврзан