Блинкен негираше дека САД однапред знаеле за нападот на пејџерите
- -САД не знаеја за тоа, ниту беа вклучени во тие инциденти. Сè уште собираме информации и факти, рече Блинкен на прес-конференција во Каиро.
Каиро, 18 септември 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги негираше извештаите дека САД однапред знаеле за смртоносниот напад во Либан во кој експлодираа стотици пејџери на Хезболах.
-САД не знаеја за тоа, ниту беа вклучени во тие инциденти. Сè уште собираме информации и факти, рече Блинкен на прес-конференција во Каиро.
Тој нагласи дека е важно сите страни да ги избегнат сите чекори за натамошна ескалација на конфликтот и дека тоа е јасно кажано.
Блинкен, исто така, рече дека сè уште не е јасно какво влијание ќе имаат експлозиите врз операциите на организацијата поддржана од Иран.
Порталот Аксиос во меѓувреме објави дека израелскиот министер за одбрана Јоав Галант му телефонирал на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин неколку минути пред нападот за да му каже дека Израел ќе спроведе операција во Либан, но не откри детали.
Цитирајќи неименуван американски функционер, Аксиос наведува дека повикот на Галант бил обид да ги спречи САД да бидат целосно неинформирани.
Вчера и портпаролот на Стејт департментот Метју Милер негираше вмешаност на САД.
-САД не беа вклучени во тоа. САД не беа однапред запознаени за инцидентот и во моментов собираме информации, рече тој на прес-конференција.
Дванаесет лица загинаа, а повеќе од 2.750 се ранети кога пејџерите на членови на Хезболах експлодираа вчера во координиран и кодиран напад што му се припишува на Израел, објавија израелските медиуми. сд/
фото:МИА архива