• понеделник, 25 ноември 2024

Блинкен и Лами ја поддржаа Украина

Блинкен и Лами ја поддржаа Украина

Киев, 11 септември 2024 (МИА) - Министрите за надворешни работи на САД и Велика Британија, Ентони Блинкен и Дејвид Лами, денеска, за време на нивната посета на Киев, уште еднаш ја изразија својата поддршка за Украина во војната со Русија, а украинските власти повторно побараа дозвола да користат ракети со долг дострел за да напаѓаат подлабоко во Русија.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го обвини Иран дека и дал на Русија балистички ракети со краток дострел Фат-360, нарекувајќи го потегот „драматична ескалација“ на војната, пренесе Бета.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами рече дека две и пол години стариот конфликт е на „критичен момент“ по смелиот упад на Украина во рускиот регион Курск минатиот месец, истакнувајќи дека Британија троши три милијарди фунти годишно за помош за Украина. 

Клучното прашање што сè повеќе ги заострува односите меѓу Украина и нејзините западни партнери се повторените апели на Киев за одобрение од Западот да се користи оружје со долг дострел од САД и другите сојузници за напад на цели во Русија. Западните лидери ја отфрлија можноста, плашејќи се дека тоа ќе ја ескалира војната.

Кон крајот на минатата недела, САД објавија дека испраќаат повеќе од 250 милиони долари вооружена помош за Украина, која вклучува противвоздушни ракети и артилерија.

Украинскиот премиер Денис Шмихал му рекол на Лами дека се надева оти може да се постигне договор за употреба на оружје со долг дострел „за удари на територијата на нашиот непријател“.

Претставниците на Киев, исто така, ќе треба да се грижат за исходот од изборите во САД во ноември, што може да доведе до значителни политички промени во Вашингтон.

Поранешниот претседател Доналд Трамп на претседателската дебата во вторникот рече дека сака војната да заврши, но не стави јасно до знаење дека сака Украина да победи.

Блинкен на прес-конференцијата најави нова помош за Украина во вредност од над 700 милиони долари со цел зајакнување на украинската енергетска мрежа. Тој рече дека помошта вклучува хуманитарна поддршка и плаќање на трошоците за операциите за деминирање.

Дел од пакетот е поддршка за енергија - 325 милиони долари ќе бидат испратени во Украина за поправка и обновување на капацитетите за производство на електрична енергија, за обезбедување резервна енергија во итни ситуации и за зајакнување на физичката безбедност на енергетската инфраструктура.

Околу 290 милиони долари се наменети за храна, вода, засолништа и програми за здравствена заштита и образование, како за Украинците на кои им е потребна помош во земјата, така и за бегалците во странство. Останатиот дел од помошта - 102 милиони долари, ќе биде наменет за деминирање. мс/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан