• сабота, 23 ноември 2024

Благодарница за Никола Ѓурѓај од Здружението на Македонците „Даме Груев" во Моравичкиот округ во Србија

Благодарница за Никола Ѓурѓај од Здружението на Македонците „Даме Груев

Дебар, 6 ноември 2024 (МИА) - По повод  одбележувањето на 15-годишнината од  формирањето, Здружението на Македонците „Даме Груев" во Моравичкиот округ во Србија, му додели благодарница  на Никола Ѓурѓај,  претседател на Македонското друштво „Илинден"- Тирана и главен и одговорен уредник на истоимениот весник.

- Благодарницата ми се доделува за долгогодишната соработка, помош и подршка на здружението и промовирање на Македонците од Србија во Македонскиот весник „Илинден”-Тирана. Голема благодарност до управата на Здружението на Македонците „Даме Груев” и посебно до Славе Груевски, претседателот на здружението, изјави Ѓурѓај за МИА.

На здружението, додаде, од мое и од име на Македонците во Албанија,  му посакувам понатамошни успеси во  промоцијата на нашинците во Република Србија.

На одбележувањето Груевски поднел извештај за активностите на здружението, оценувајќи меѓу другото дека  „здружението е само уште еден бисер во ѓерданот наречен македонска заедница во Србија, македонско национално малцинство, македонски исленици во странство".

-Основната мисија за формирање на нашето здружение беше и останува, дружење на граѓаните од македонско потекло кои се во Моравичкиот округ, негување на традициите и обичаите, негување на јазикот и фолклорот, и зачувување на културните вредности на Македонија, посебно на писмото и јазикот, додал тој , објави весник „Илинден".

Оценил дека добрата соработка на здружението со „локалната самоуправа од Горњи Милановац и со збратимените градови од Македонија, на најдобар начин ги потврдила добрите односи помеѓу Македонија и Србија". вт/дма/


Фото: МД „Илинден“

Остани поврзан