• петок, 22 ноември 2024

Битиќи: Подигнувањето на животниот стандард е највисок приоритет на Владата, минималната плата ќе продолжи да расте

Битиќи: Подигнувањето на животниот стандард е највисок приоритет на Владата, минималната плата ќе продолжи да расте
Скопје, 13 јануари 2022 (МИА) - Перцепцијата на граѓаните дека се живее потешко е поради двегодишниот удар кој влијае на економско и здравствено поле, се надоврзува и енергетскиот аспект. Тука се и потребите за задоволување на домаќинствата за храна, кадешто имаше ценовен скок, што не е производ на пазарната економија, туку на однесувањето на чинителите во пазарната економија, оцени вицепрмиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој во емисијата „Економски магазин“, на телевизијата Алсат порача дека подобрувањето на животниот стандард на граѓаните е еден од највисоките приоритети на Владата, „а тој доаѓа преку достоинствени плати за граѓаните“. Битиќи додаде дека Владата, синдикатите и граѓанскиот сектор се на иста страна во поглед на платите, но, како што рече, енергетската криза, економската криза и политичките состојби не дозволија минималната плата да се зголеми уште лани во декември, сепак, потенцира, дека раст на минималната плата ќе има во следниот период. - Во 2016 година минимална плата беше 9.000 денари или 38 отсто од просечна, на крај на декември 2021 просечна плата е 29.145 денари, на околу 1000 денари од ветувањето за 500 евра просечна плата и покрај двегодишната кризата, а минималната плата во ноември 2021 е 15.145 денари и е на ниво од 52,2 отсто од просечната плата. И ова е еден од показателите што влијае на намалување на сиромаштијата, рече Битиќи. За четири години, посочи вицепремиерот, уделот на минималната во просечната плата е зголемен за цели 14 процентни поени. - Ветувањето за покачување на минималната плата во програмата на владата и барањето на синдикатите за покачување на минималната плата на 18.000 денари, остануваат високи приоритети на новата Влада, но секако дека остануваме на ставот дека сите интервенции на платите треба да се извршат преку економско-социјалниот совет, односно преку дијалог со сите социјални партнери, за да имаме решенија кои се одржливи, потенцираше вицепремиерот и нагласи дека со ова покачување, минималната плата би изнесувала околу 58-59 отсто од просечната плата во земјата, што е едно од синдикалните барања и барањата на работниците. Според него, борбата против сиромаштијата не бара само интервенции од државата, туку сеопфатен пристап. Нагласи дека во таа насока се работи на изготвување на Национална развојна стратегија, како системски документ кој треба сеопфатно да одговори како ќе се справуавме како држава со сиромаштијата, што е долгорочен процес. - Дополнително, со социјалната реформа која ја спроведовме, влијаевме за намалување на степенот на сиромаштија и ако не ја преземавме оваа реформа, сега во време на пандемија ќе зборувавме за многу поголема стапка на сиромаштија од она што е во моментов. Ние во овој момент, имаме околу 35.000 приматели на гарантиран минимален приход од 12.000 денари, наспроти околу 80.000 луѓе кои претходно добиваа социјална помош по три-четири илјади денари, со кои тешко да се поминат неколку дена. Гарантираниот минимален приход е финансиска помош за одредени категории, за да се снајдат на пазарот на трудот, станат активни баратели на работа и најдат соодветно работно место. Да не го занемаруваме и фактот дека со помош на економските мерки за помош во време на пандемијата, Владата успеа да спаси околу 60.000 работни места, што беше потврдено и од Меѓународниот монетарен фонд, посочи Битиќи. Во однос на енергетската криза, тој потсети дека уште минатата година Владата го намали ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто, а сега ќе следуваат нови мерки, од кои првата е субвенционирање од 600 до 800 денари на месечно ниво на сметките за електрична енергија за 7.500 семејства со ниски примања. вј/сп/

Остани поврзан