• недела, 22 декември 2024

Бигорски манастир: Константинопол, град-цивилизација, каде нашиот народ го примил светото просвештение

Бигорски манастир: Константинопол, град-цивилизација, каде нашиот народ го примил светото просвештение

Дебар, 29 мај 2023 (МИА) - Денеска 570 години после физичкото освојување на Константинопол од страна на османлиските завојувачи, Бигорската свештена ббител повторно со благодарност си спомна за градот од каде, како што велат, нашиот народ го примил светото просвештение, и се помоли за покој на сите оние кои паднале на константинополските ѕидини, бранејќи ја спасоносната православна вера.

Посакаа „ним, и на сите други што ги положиле своите животи за единственото вистинско Божјо Откровение, нека им биде споменот вечен“.

-Константинопол падна, но не и идејата за него. Зашто неговиот дух, духот на Ромејското царство продолжува да живее кај сите православни народи што духовно се поврзани со византиската цивилизација. Нашето културно и духовно наследство, пак, произлегува непосредно од тој источно-римски цивилизациски комонвелт и како негов нераскинлив дел, продолжуваа да живее со наследството од тоа свештено богатство. Тоа го покажува и минатогодишната одлука од 9 мај, со која Вселенската патријаршија од Константинопол ја прегрна нашата најсвета Охридска Архиепископија во евхаристиско и канонско единство со целото Православие, нагласуваат од Бигооски манастир.

Додаваат дека ниту еден топоним во светската историја не содржи таква слава, таков восхит, превосходност и тајна, како што е случајот со Светиот град Ерусалим и со Царот на градовите – Константинопол.

-Првиот беше сведок на најспасоносните настани за човештвото и на почетокот на богооткриената христијанска вера, а во вториот, таа вера го доби својот најблескав израз и највозвишена слава. Константинопол, градот на Светиот цар Константин, градот посветен на Пресвета Богородица, градот на Светиите, по чии улици некогаш се движеле славни и свети цареви, во чии цркви проповедале најбогомудри патријарси, во чии манастири се подвизувале најпреподобни и богоносни монаси, станал првина и образ за сите христијански општества, средиште од каде на сите четири страни засветлиле зраците на Христовото Евангелие, престолнина на православното богомислие, љубословие, уметност и култура, посочуваат од Бигроски.

„Царот на сите градови“, градот основан од Светиот рамноапостолен цар Константин Велики, „Град на Светиите“, „на христијаните пофалба, на православните слава“, „светило на светот“ и „веселие на целата земја“, повеќе од 11 века бил центар на едно возвишено христијанско општество, кое израснало на античка почва, во себе ја вклучило и источната култура и сето тоа го одухотворило со верата Христова, принесувајќи прекрасни духовни плодови – Богословие, Богослужение, философија, наука, уметност, литература.

За оние кои сакаат да слушнат како звучеле богослужбите во Света Софија Константинополска, на сајтот на манастирот објавен е  следниов линк: Гласовен документ: Како би звучело кога би се наоѓале во Света Софија пред 1500 години, како и линк Елегија за падот на Константинопол и 3Д анимација на реконструиран Константинопол. вт/

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан