• сабота, 23 ноември 2024

Бесими: Наскоро ќе ги соопштиме евентуалните нови мерки за надминување на актуелната состојба во економијата

Бесими: Наскоро ќе ги соопштиме евентуалните нови мерки за надминување на актуелната состојба во економијата
Скопје, 6 март 2022 (МИА) – Во текот на наредните денови на јавноста ќе и биде соопштено тоа што се размислува и што ќе се дизајнира како паркет на мерки за надминување на актуелната состојба во економијата, најави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими. -Сите можни интервенции за спречување на ценовните шокови се разгледуваат на Влада. Од премиерот е испратена официјална покана и утре во 17 часот во Владата ќе има средба на Економскиот совет во поширок состав. На средбата покрај министрите од економските ресори ќе присуствуваат и надворешни експерти од земјава. Тие ќе дадат свој придонес во однос на согледувањето на актуелните состојби во економијата и кои би биле евентуално можни предлози и идеи за натамошни решенија, рече Бесими во Тема на денот на ТВ Сител. Ние, додаде, веќе работиме на можни мерки и во наредните денови од страна на Владата и премиерот ќе биде соопштено тоа што се размислува и ќе се дизајнира како паркет на мерки за надминување на актуелната состојба. Министерот за финансии нагласи дека сега е веќе извесно дека руско-украинската криза нема да трае кратко и оти нема да заврши во наредните денови. -Продолжува неизвесноста, не знаеме колку ќе трае, но веројатно нема толку брзо да заврши. Се бараат алтернативни чекори за снабдувањето со руски гас, а и стопанствениците сами бараат начини во однос на другите производи што се увезуваат од таму, рече Бесими. вј/рп/

Остани поврзан