• недела, 22 декември 2024

Бесими: Бегањето од одговорност не е мој стил

Бесими: Бегањето од одговорност не е мој стил
Скопје, 16 ноември 2021 (МИА) – Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува до средината на декември да се гласа буџетот за наредната година, но не може да предвиди дали прво ќе биде донесен буџетот или ќе се изгласа нова реконструирана Влада. -Има конструктивна дискусија за Предлог буџетот за 2022 година за чие донесување има утврдени законски рокови. Не можам да предвидам што попрво ќе се случи, дали носењето на буџетот или изгласувањето на новата реконструирана Влада. Но, доколку продолжи дебатата каква што е во првите два дена, се очекува во првата половина на декември буџетот да се гласа. Мислам дека сите се свесни од аспект на значењето на донесувањето на буџетот. Има конструктивни дискусии иако има и разлики, но мислам дека има разбирање за носење на овој буџет од сите политички партии во Собранието и барем засега не гледам такво сценарио да се блокира буџетот, рече Бесими во емисијата 24 Анализа. Блокирањето на буџетот, додаде, ќе значи само финансиска нестабилност и тоа не е во интерес на ниту една политичка партија, ниту на граѓаните. -Во интерес на граѓаните е политичката стабилност и предвидливоста особено што се наоѓаме во период кога покрај пандемијата, која се уште не стивнува, имаме и енергетска криза која се очекува да стивнува во првата половина на наредната година, истакна Бесими. Прашан дали ќе прифати доколку му биде понудено да биде министер за финансии и во новата реконструирана Влада, Бесими рече дека бегањето од одговорност не е негов стил. -Тоа е голем предизвик, а јас не бегам од предизвиците во период кога има пандемија и се соочуваме со сите овие работи, а и има веќе најавени проекти за инвестиции и забрзан економски раст, како и за справување со економската криза. Бегање од одговорност не е мој стил на пристапување кон животот, порача Бесими. Нагласи дека во овој период во ДУИ не се разговара за евентуални нови кадровски решенија. -Во оваа фаза главната порака е дека е битна институционалната и политичката стабилност во земјата и предвидливоста. Дали ќе останат министрите на своите позиции останува на раководството и лидерот на партијата како ќе оценат. Во оваа фаза клучно е се да продолжи континуитетот во работењето во смисла на проекти и работењето на државните институции, потенцира Бесими.вј/цр

Остани поврзан