Бендевска на годишнината од депортацијата на битолските Евреи: Да се сеќаваме за да не заборавиме
- Да се сеќаваме за да не заборавиме, истакна потпретседателката на македонското Собрание, Весна Бендевска, на денешниот комеморативен собир посветен на годишнината од депортацијата на битолските Евреи. Пред споменикот камена менора посветен на депортираните Евреи, Бендевска потсети дека бугарскиот фашистички окупатор од Битола депортираше 3.172 Евреи.
Битола, 10 март 2026 (МИА) - Да се сеќаваме за да не заборавиме, истакна потпретседателката на македонското Собрание, Весна Бендевска, на денешниот комеморативен собир посветен на годишнината од депортацијата на битолските Евреи.
Пред споменикот камена менора посветен на депортираните Евреи, Бендевска рече дека бугарскиот фашистички окупатор од Битола депортираше 3.172 Евреи.
-Да се сеќаваме за да не заборавиме. Пред 83 години, бугарскиот фашистички окупатор депортираше 3.172 Евреи наши сограѓани деца, млади жени и мажи, возрасни лица. Ги однесе во неповрат. Битола никогаш повеќе не остана иста без нивното присуство и затоа должни сме да се сеќаваме, затоа должни сме да го чуваме мирот, за никогаш да не се повтори, истакна Бендевска која заедно со пратеничките Олга Лозановска и Бисера Костадиновска Стојчевска положи цвеќе пред споменикот камена менора „Седум шандани“ во Битола.
Општина Битола како домаќин и организатор на денешното сеќавање на депортираните Евреи одржа комеморативна седница и приреди прием за делегациите од градот и државата.

- 11 март 1943 година е една од најцрните страници во историјата на градот Битола, на денот кога голем број на млади, деца и други сограѓани беа депортирани во Треблинка. Битола и битолчани, достојно и одважно се потсеќаат на своите сограѓани. Многу занаетчии, лекари, еснафи оставија трага во нашиот град живеејќи во мултикултурна средина со која како град се гордееме, нагласи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Во изјава за медиумите, членот на управниот одбор на Еврејската заедница во Република Македонија, Бојан Сапунов истакна дека Битола и Македонија изгубија многу со депортацијата на Евреите.
-Да се сеќаваме на жртвите Евреи од Битола кои пред 83 години беа однесени во логорите на смртта. За жал, денеска не само Битола, туку и цела Македонија изгубила многу и го нема џагорот, го нема убавиот ладино-шпански јазик на битолските улици, ги нема прекрасните серенади кои ги пееле Евреите во Битола, град кој загуби многу, посочи Сапунов.
Од Фондот на Холокаустот на Евреите денеска донираа предмети во вредност од 10.000 евра за Домот за доенчиња во Битола.лв/мт/
Фото: МИА