• недела, 30 јуни 2024

Белгиските зелени предлагаат неофицијална декриминализација на абортусот

Белгиските зелени предлагаат неофицијална декриминализација на абортусот

Брисел, 29 септември 2023 (МИА) - Двете водечки белгиски еколошки партии, валонската Еколо и фламанската Зелени, поднесоа Предлог-законот за измени на Законот за абортус во Белгија, со кои, меѓу останатото, се предвидува продолжување на законскиот рок до кој може да се изврши абортусот од 12 на 18 недели, укинување на шестдневниот период на чекање пред да може да се спроведе зафатот, како и негова неофицијална декриминализација. 

Со измените се предлага абортусот да биде експлицитно наведен како зафат опфатен со здравствената заштита, што практично би значело декриминализација на делото доколку се изврши по законски дозволениот рок. 

Пратеничката Северин де Лавеле од Еколо, која заедно со нејзината колешка Ева Плато од Зелените, се официјални предлагачи на законските измени, изјави дека тие се подготвени врз основа на Извештајот со 25 препораки изработен пред шест месеци од страна на посебна експертска комисија по нарачка на пратеници од владејачкото мнозинство.  

- Овој извештај во никој случај не може да остане во фиока. Затоа, овие препораки ги преточивме во закон за да го зајакнеме правото на жените да го контролираат своето тело и сопственото здравје, нагласи Де Лавели. 

Поддршка на измените изрази белгискиот огранок на организацијата Лекари на светот (МДМ), која оцени дека е потребна „итна реформа на Законот за абортус за најранливите жени“. 

МДМ-Белгија, исто така, се залага за продолжување на законскиот рок за абортус на 18 недели, за укинување на задолжителниот шестдневен период што им е оставен на жените „да размислат дали сакаат да ја прекинат бременоста“, како и за подигање на свеста на жените и поедноставување на пристапот до абортус и усогласување на постапката. 

Предлозите ги поддржа и здружението Секуларна федерација на центрите за планирање семејство (ФЛЦПФ), кое за залага за легализација на абортусот во Белгија. 

- Иако абортусот е одобрен под неколку услови повеќе од 30 години, ова право не е ниту целосно ефективно, ниту целосно декриминализирано, порача ФЛЦПФ. 

Еколо и Зелените се дел од седумпартиската белгиска владина „Вивалади“ коалиција, предводена од премиерот Александер де Кро, во која засега нема целосна согласност за ваквите законски измени. 

Слична иницијатива претходно беше покрената и од владејачката валонска Социјалистичка партија (ПС), но таа не помина поради блокадата од страна на партијата Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), исто така членка на владината коалиција. Тогаш, ЦДВ се согласи на продолжување на законскиот рок до кој може да се изврши абортусот наместо од 12 на 18, на само 14 недели, освен во случаи на силување или инцест и се спротивстави на укинување на шестдневниот „рок за размислување“, туку само за негово скратување на 48 часа. 

Согласно договорот за формирање на „Вивалди“ коалицијата, еден законски предлог може да се достави на усвојување во Парламентот само доколку со него се согласуваат сите седум коалициски партнери. сп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан