• недела, 30 јуни 2024

Безболна проверка на билирубин за новороденчињата во болницата во Чаир

Безболна проверка на билирубин за новороденчињата во болницата во Чаир
Скопје, 20 јули 2021 (МИА) - Новородените бебиња во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ - Чаир, ќе имаат можност за безболна проверка на билирубин, која им ја овозможи донацијата од два апарати за неинвазивна проверка на билирубин од Амбасадата на Израел и Проект ХОПЕ. Една од придобивките за употреба на овие апарати за проверка на билирубин кај новороденчиња е низок ризик од инфекции, траума и болка при мерење на нивото на билирубин. Исто така, резултатите од испитувања се достапни за неколку минути, што овозможува и брз третман на жолтица кај бебињата. „Во името на 4.000 бебиња кои утре нема да се боцкаат, фала ви многу“ истакна д-р Башким Исмаили, директор на Специјалната болница за гинекологија и акушерство, „Мајка Тереза“ – Чаир, кој кажа дека колку и да се зборува е малку за да се изрази благодарноста. Оваа донација е една од последните активности на амбасадорот Дан Орјан, на крајот на мандатот во нашата земја.  До сега, за време на мандатот, со донации на опрема и едукативни програми, амбасадорот многу пати ги има поддржано активностите на Проект ХОПЕ во државава. Амбасадорот истакна дека му е особено драго што на неговата последна официјална посета како амбасадор, е тука и ја има можноста да придонесе со нешто многу важно за новороденчињата. - Сè што можеме да направиме за овие мали бебиња, да им помогнеме во безболни методи е прекрасно и во Израел индустријата навистина се труди во изнаоѓањето на иновативни решенија, со тоа што луѓето, особено бебињата, би страдале помалку, истакна амбасадарот. Тој потсети на донацијата на лесни инвалидски колички во нашата држава и најави дека, наскоро, според договорот што го потпишале со Министерството за здравство, ќе пристигнат уреди кои ќе му помогнат на здравството на долг рок. Проект ХОПЕ е интернационална хуманитарна организација чија мисија е поддршка на локалните здравствени работници со цел спасување на човечки животи насекаде во светот. Овој проект во државава се спроведува  од 1993 година и до сега имплементира многубројни програми за поддршка на здравствениот систем во државата. Емилија Дуковски, проект-менаџер од проектот ПериМак од проект ХОПЕ, изрази огромна благодарност до амбасадорот за поддршката што им ја пружа низ годините и особено сега, за време на овие тешки периоди кога фокусот е на пандмијата со Ковид-19, со што истакна благодарност што не заборавија дека на другите сектори од здравството, исто така, им треба поддршка и грижа. ар/лв/

Остани поврзан