• сабота, 25 јули 2026

„Бе-ем-ве“ ги усовршува своите човековидни роботи во погонот во САД

„Бе-ем-ве“ ги усовршува своите човековидни роботи во погонот во САД

Спартанбург, 1 јули 2026 (МИА) - Околу две години откако „Бе-ем-ве“ (BMW) првпат ги претстави човековидните роботи во својата фабрика во Спартанбург, САД, таму почна да работи нова, понапредна верзија. Станува збор за машини од американската компанија „Фигјур“ (Figure), за коишто се вели дека се „повеќе човечки“ отколку „Оптимус“ на „Тесла“. За разлика од прототипите, се вели, новиот робот изгледа како да е создаден да работи заедно со луѓето.

Новиот робот „Фигјур 03“ ќе има важна улога во логистичките операции на фабриката, според германскиот мултинационален автопроизводител. Компонентите што пристигнуваат во фабриката доаѓаат во големи контејнери и не се сортирани. Задачата на роботот ќе биде да го собере секој дел поединечно и да го сортира во колички за секвенционирање. Потоа, како што појасни Улрих Виланд, потпретседател за контрола на производството и логистика - овие колички ќе треба да бидат однесени до одредена локација од каде што ќе бидат подигнати од автоматизиран влечен воз или тн. „Паметен транспортен робот“. Тие ќе ги доставуваат деловите до производствената линија, каде што човечките работници ќе ги користат за да ги склопат новите модели на „Бе-ем-ве“.

- Фабриката во Спартанбург е родно место на човековидната роботика во секојдневното работење на „Бе-ем-ве мануфактуринг“. Откако веќе успешно го завршивме пилот-проектот со „Фигјур 02“ во нашата сервисна работилница, сега со нетрпение очекуваме да го користиме „Фигјур 03“ во логистиката за секвенционирање на задачите, изјави Виланд.

„Бе-ем-ве“ ги нарекува човековидните роботи - „додаток со додадена вредност на постојната автоматизација“. Фабриката веќе користи вештачка интелигенција за развој на сложени виртуелни 3-Д симулации и тн. „виртуелни фабрики“ за континуирано подобрување на производството. Компанијата истакнува дека ваквите роботи се особено важни за „монотони, ергономски тешки или безбедносно критични работи“ и наведува дека целта е „да се заштитат вработените и да се искористат нивните вештини најделотворно“, а не целосно да се заменат со роботи.

Роботите „Фигјур 03“ имаат поинаква улога од постарите „Фигјур 02“ што претходно се користеа во фабриката. За време на 11-месечната пилот-програма, постарите човековидни роботи работеа во сервисот за каросерија. Таму, тие вметнуваа делови од лим во процесот на заварување и помогнаа да се изградат повеќе од 30.000 „Икс-3“ во текот на 10 месеци.  си/сд/

Фото: „Бе-ем-ве“.