• понеделник, 23 декември 2024

Бајрами: Употребата на европско знаменце е политичка корупција што ни се случува, ДКСК може само да укаже на слабостите

Бајрами: Употребата на европско знаменце е политичка корупција што ни се случува, ДКСК може само да укаже на слабостите

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) нема никаква алатка в раце со која може да ги натера институциите и службените лица да ги почитуваат иницијативите и мерките. Употребата на европско знаме, носење закони по скратена постапка, носење специјални закони што ги негираат сите други закони е политичката корупција што ни се случува. Во овој случај Комисијата само ќе укаже дека има некоја слабост и на крајот пак тоа продолжува. Појдовна точка е дека ваквиот закон со злоупотреба на политичка волја е спротивно на европските стандарди, рече членот на ДКСК, Нури Бајрами во одговор на прашање до каде е работата со предметот за договорот со „Бехтел и Енка“.

Според него, вакви закони можат да продуцираат се и сешто.

Членот на ДКСК, Катица Николовска на денешната седница се надоврза дека се работи на предметот, кој е комплексен и бара многу време и ресурси, но оти имаат проблем со обезбедување на целокупниот договор, бидејќи е доставен само делумно. Таа смета дека најголемиот проблем е што се озаконува корупцијата.

- Кога ќе го обезбедиме, тој што има сертификат ќе го гледа и верувам ќе излеземе со став. Штом завршиме со некој предмет особено ваков значаен, ние секогаш излегуваме во реално време, се надевам ќе известиме наскоро, рече Николовска. 

Според Горан Трпеновски, член на ДКСК, политичката корупција прераснала во законска корупција, па во системска корупција, но за жал, како што рече, освен да укажува, Комисијата не можеме ништо друго.

Членот Шемси Салаи, пак, ја нагласи потребата од вклучување и на други органи кога е во прашање борбата против корупцијата. 

- Иако сите закони донесени во врска со овој коридор се со голем ризик на корупција, иако имаме констатирано и доста други закони кои веќе се пред тоа со голем ризик на корупција, треба нешто да сфатиме со нашите препукувања од една на друга институција. Поминаа 30 години од осамостојување на државата ние уште немаме патишта, што е доста лоша ситуација за развојот. Со вакви патишта и низок развој на инфраструктурата воопшто, економијата не може да оди напред. Треба да се остават да се работат до крај овие проекти и да ги следиме со 100 очи отворени, до каде се постапките и ако има корупција да се постапи. Имаме органи кои треба да ги следат сите овие зделки и ако се констатира корупција да се постапува и за еден денар да е, а не па за милиони, заклучи Салаи. мс/сп/

Остани поврзан