• петок, 22 ноември 2024

Бајден и првата дама на САД оддадоа почит на кралицата Елизабета Втора

Бајден и првата дама на САД оддадоа почит на кралицата Елизабета Втора
Вашингтон, 19 септември 2022 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден денеска оддадоа почит на кралицата Елизабета Втора, придружувајќи им се на светските лидери, на кралското семејство и на малата група поканети гости на раскошната погребна церемонија во Лондон. Претставници на Белата куќа изјавија пред погребот на кралицата дека силните врски на Вашингтон со Лондон ќе продолжат и по неодамнешната промена во раководството, во кое се вклучени новиот крал Чарлс Трети и новата премиерка Лиз Трас. Предвидено е Бајден да се сретне со Трас в среда во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. - Уверени сме дека на чело со кралот Чарлс и со премиерката Трас, специјалните односи меѓу САД и Велика Британија ќе опстојат, воопшто не сме загрижени за тоа, изјави Џон Кирби, директор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност. Во неделата, Бајден и неговата сопруга оддадоа почит на кралицата во Вестминстерската сала, каде што десетици илјади луѓе чекаа со часови да минат покрај нејзиниот обвиен ковчег, што исто така ја носеше и царската државна круна со масивниот, блескав дијамант Ѕвезда на Африка, камен од 530 карати што ѝ бил даден од тогашната колонија Јужна Африка, во 1907 година. Во неделата, претседателот и првата дама се потпишаа и во книгата на жалост, а претседателот ја пофали кралицата за нејзиното наследство на несебична должност. - Мислам дека она што ни го даде е чувството за, можеби пред сè, идејата за услуга, дека сите ние нешто должиме. Има нешто во рамките на нашиот капацитет што може да ги направи работите, не само светот,– подобри, туку и вашето соседство подобро, вашето домаќинство подобро, вашето работно место подобро, рече тој. Кралот, исто така, приреди официјален државен прием за достоинственици во неделата, на кој присуствуваше и Бајден. На погребот не се поканети лидерите на Русија, Белорусија, Сирија, Авганистан и на Венецуела. Погребот на Елизабет заврши денеска, а таа е погребана во капелата Свети Џорџ во рамките на замокот Виндзор, покрај нејзиниот 99-годишен сопруг, принцот Филип, кој почина лани во април. кб/ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан