• среда, 04 декември 2024

Барние: Смена на владата би ја отежнала ситуацијата

Барние: Смена на владата би ја отежнала ситуацијата

Париз, 3 декември 2024 (МИА) - Францускиот премиер Мишел Барние денеска оцени дека смената на неговата влада ќе ја направи ситуацијата „потешка и посериозна“, во пресрет на гласањето за предлогот на левицата и екстремната десница за недоверба во владата, објави париски „Монд“.

„Ситуацијата е тешка на буџетско ниво, на финансиско ниво и многу тешка на економско и социјално ниво“, рече Барние во Парламентот и додаде дека изгласувањето недоверба на владата ќе направи сè „потешко и сериозно“.

Предлогот за гласање недоверба на владата беше поднесен вчера на предлог на радикалната левица и екстремната десница. Предлогот, кој доби 185 потписи, беше поднесен откако Барние го искористи своето уставно право да го заобиколи гласањето во Парламентот и така да го усвои текстот на буџетот за социјално осигурување.

Барние му рече на Парламентот дека го искористил тоа право бидејќи верува дека дијалогот со политичките групи е исцрпен.

Доколку пратениците на седницата утре и во четврток изгласаат недоверба на владата и дојде до смена на власта, тоа би било првпат по падот на владата на Жорж Помпиду во 1962 година.

Владата на Барние тогаш ќе биде Влада со најкраток мандат во историјата на Петтата република. рп/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан