• петок, 22 ноември 2024

Барањето на приватните превозници причина за ново препукување меѓу Град Скопје и претседателот на Советот

Барањето на приватните превозници причина за ново препукување меѓу Град Скопје и претседателот на Советот

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески кој вчера беше повикан од градоначалничката Данела Арсовска да го стави на дневен ред прашањето за приватните превозници, вели дека Советот нема надлежност околу преземените обврски со договорите што превозниците ги имаат склучено со Градот. 

- Не е надлежност на Совет на Град Скопје ниту следење на извршување на меѓусебно превземените обврски меѓу Градот и приватните превозници. За да расправа Совет на Град Скопје околу прашања од негова надлежност, а се поврзани со договорни обврски меѓу Градот и вас како привани субјекти, треба да има предлог од Градоначалник на Град Скопје, вели Славески. 

Според него, сите координатори на советничките групи се запознати со состојбите и барањата на превозниците и се едногласни дека оној момент кога ќе добијат конкретен предлог од градоначалничката за промена на условите во  договорите, предлогот ќе биде ставен на разгледување на првата седница  на Советот.

Во писмото испратено до приватните превозници и до градоначалничката на Град Скопје, Славески наведува дека договорите што приватните превозници ги имаат склучено со ГрадСкопје важат до мај 2025 година.

- Факт е дека вие имате важечки договори за вршење дејност, склучени со Град Скопје во мај  2022  година, откако сте биле избрани за вршители на дејност според определена процедура која ја спроведе Град Скопје. Договорите се склучени на две години, што значи дека истекуваат во мај наредната  2025 година. Во процедурата за учество на јавниот повик и самото склучување договор со Град Скопје сте ги знаеле и сте ги прифатиле понудените услови, права и обврски, вклучително и тарифата за изминат километар, на што треба да се придржувате сé до истекот на важноста на договорите за вршење дејност во областа на јавниот Градски превоз на територијата на Град Скопје, наведува Славески.

Од Град Скопје одговорија дека барањата за измени на условите за приватните превозници, вклучувајќи ја и цената за километар, ги утврдува Советот. 

- Трајко Славевски или лаже, или навистина не го знае деловникот за работа на Советот кој го води. Имено, поврзано со барањата за измени на условите за приватните превозници вклучително и цената за овој превоз ги утврдува Советот на град Скопје, оттука јасно е дека барањето на приватните превозници е упатено на вистинска адреса до претседателот на Советот на град Скопје и до советниците. До овој момент, Градоначалникот има доставено свое мислење во врска со барањето на приватните превозници, а свое мислење има доставено и Управниот одбор на ЈСП до претседателот на Советот Трајко Славевски, стои во реакцијата од Град Скопје.

Приватните превозници работат со намалено работно време барајќи зголемување на цената за километар. бак/дма/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан