• вторник, 13 јануари 2026

Бадник во Делчево одбележан со вечерна богослужба и традиционална Бадникова поворка

Бадник во Делчево одбележан со вечерна богослужба и традиционална Бадникова поворка

Делчево, 6 јануари 2026 (МИА) - Со вечерна богослужба и традиционална Бадникова поворка, денеска во Делчево беше одбележан големиот христијански празник Бадник, во пресрет на Рождеството Христово. Во празничната програма учествуваа бројни верници, деца и граѓани, кои со песнопенија и радосни повици ја најавија божиќната радост.

Празнувањето започна со вечерна богослужба во храмот, а потоа низ улиците на градот се одржа Бадниковата поворка, која веќе со години претставува препознатлив духовен настан во Делчево.

-Овие големи празници, Божик, Богојавление и Велигден, се темелот на нашата православна вера. Без Божик не би можеле да го имаме ни Велигден, а Богојавление ни ја открива Светата Троица. Затоа Црквата со посебна свеченост ги дочекува, започнувајќи ги со вечерна богослужба и Литургија, истакна епископот на Делчевско-каменичката епархија, г. Марко.

Тој нагласи дека Бадниковата поворка е жива традиција која ја пренесува верата на најмладите и ја зацврстува духовната заедница.

-Децата, како ангели, го објавуваат Рождеството Христово низ улиците на градот, а Црквата, колку што може, ги наградува нивниот труд и љубов кон верата, рече епископот Марко. 

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој ја истакна важноста од негување на ваквите традиции.

-Оваа Бадникова поворка е една од најубавите и најпримерните во државата. Таа е симбол на заедништво, вера и духовна радост, а храмот и улиците на Делчево се исполнети со живот и благослов, изјави Гоцевски.

Тој упати честитки до сите граѓани и православни верници, посакувајќи здравје, мир и благосостојба, додавајќи дека ваквите настани треба да продолжат да се негуваат и во иднина.

-Нека оваа традиција биде пример како заедно, со молитва и дружење, се продолжува Литургијата и надвор од храмот“, рече градоначалникот на Делчево.

Бадниковата поворка во Делчево и годинава помина во мирна и свечена атмосфера, најавувајќи го најрадосниот христијански празник – Божик, а на крај од настанот на сите учесници во поворката им беа поделени пакетчиња. вс/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан