• вторник, 02 јули 2024

„Бадникова поворка“ оваа година и во Општина Карбинци

„Бадникова поворка“ оваа година и во Општина Карбинци

Карбинци, 2 јануари 2024 (МИА) - Бадниковата поворка првпат ќе го најави Христовото раѓање и во општина Карбинци. Голем број на деца, младинци, родители, баби и дедовци ќе се приклучат на Поворката која во еден глас ќе пее за „Вечниот Бог“, најави денеска градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов. Поворката почнува од Црквата „Вознесение Христово“, а завршува на Плоштадот во с. Карбинци, каде дечињата ќе ги пречека градоначалникот, Виктор Паунов, и ќе им додели скромни подароци.

-Во општина Карбинци за првпат ќе се одржат Бадниковите поворки, коишто ќе значат најавување на големиот христијански празник Божиќ, Раѓањето на Исус Христос. Ќе се одржи в сабота, на 6 јануари, во 9:30 часот, во с. Карбинци. Поворката ќе се организира од страна на Црквата и Општина Карбинци со поаѓање од Црквата во с. Карбинци до Плоштадот во с. Карбинци, каде што дечињата и најмалите коишто ќе учествуваат ќе ги пречекаме со подароци, новогодишни и божиќни пакетчиња и ќе го најавиме Господовото раѓање со пеење на божиќни и новогодишни песни, рече Паунов.

Во декември 2023 година, во Црквата „Вознесение Христово“, беа одржани неколку проби за пеење на песната „Вечниот Бог“ во рамки на креативно-уметнички работилници за изработка на божиќни ѕвездички во кои се вклучија голем број жители на оваа општина. Дечињата од општина Карбинци минатата година се вклучија во рамки на штипската бадникова поворка, а оваа година ќе ја пренесат радоста во својата општина.

Бадникови поворки се подготвуваат во сите општини во државата, а во рамки на Брегалничката епархија се подготвуваат во Кочани, Виница, Свети Николе, Пробиштип, Радовиш, Македонска Каменица, Делчево и Штип. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан