Ацевски задоволен од соработката со министерката за енергетика: Првпат по издаден ревизорски извештај променети се тарифите за надоместок за концесија
- Сведоци сме секојдневно дека имаме нарушување на животнатата средина, загадување на воздухот, водата, почвата. Континуирано во претходниот период имаме издадено неколку ревизорски извештаи, во кои укажуваме дека треба да се преземат мерки. Меѓутоа, очигледно дека поголемиот дел од популацијата сè уште не можеме да разбереме дека сите сме дел од ова опкружување, дека животната средина ни припаѓа на сите, а не само нам, и дека и водите и минералните ресурси треба да ги чуваме и за идните генерации и да не се однесуваме неодговорно. Даваме препораки до надлежните институции. Ова го истакна денеска главниот државен ревизор Максим Ацевски во изјава за медиумите пред почетокот на меѓународната работилница, „Ревизија на животната средина и ревизија на целите за одржлив развој“.
Скопје, 8 април 2026 (МИА) - Сведоци сме секојдневно дека имаме нарушување на животната средина, загадување на воздухот, водата, почвата. Континуирано во претходниот период имаме издадено неколку ревизорски извештаи, во кои укажуваме дека треба да се преземат мерки. Меѓутоа, очигледно дека поголемиот дел од популацијата сè уште не можеме да разбереме дека сите сме дел од ова опкружување, дека животната средина ни припаѓа на сите, а не само нам, и дека и водите и минералните ресурси треба да ги чуваме и за идните генерации и да не се однесуваме неодговорно. Даваме препораки до надлежните институции - изјави главниот државен ревизор Максим Ацевски пред почетокот на денешната меѓународната работилница, „Ревизија на животната средина и ревизија на целите за одржлив развој“.
Тој потсети дека на вчерашниот ден на здравјето го објавија ревизорскиот извештај на успешност во делот на она што значи ефективност, мерки и политики за дијагностицирање на малигните заболувања. За жал, рече тој, констатирале одредени состојби за што неминовно треба да се преземат мерки за подобрување на оваа состојба, во однос на рана детекција на малигните заболувања.
Ревизорскиот извештај имал сериозни забелешки во делот на начинот на постапување на инволвираните субјекти за начинот на постапување на надлежните органи, во делот на донесување стратешки документи, обезбедување потребни финансиски средства, извршување скрининг.
- Имаме поразителни податоци во делот на опфатот на популацијата на нашата држава со скрининг, истовремено и поразителни податоци во број на денови на чекање повратни информации. Во одредени периоди има чекање и повеќе од 60 дена, значи доцнат известувањата дека треба да се преземат мерки. Нашиот заклучок е дека активностите се преземаат подоцна во втора, трета или четврта фаза од дијагностицирање на болеста. Затоа имаме и поголема смртност од малигните заболувања - појасни тој.
Како држава, додаде, треба да преземеме посериозни чекори, да обезбедиме порамномерна распространетост и достапност на таквите податоци, мора да имаме сериозен пристап во делот на создавање потребни човечки ресурси, медицински персонал, вреднување на нивниот труд и користење опрема.
- За жал, и понатаму има констатација дека имаме набавено медицинска опрема што не ја користиме. Да не зборувам за временскиот период за чекање во кабинетите за мамографија на дојка, каде што временскиот период на чекање од скринингот до одреден преглед е некаде повеќе од 157 дена - истакна Ацевски.
Тој најави дека во текот на утрешниот ден ќе биде објавен конечниот ревизорски извештај за стареењето на населението, во кој, како што рече, повторно има поразителни состојби за нашата држава.
- Констатираме дека населението енормно старее, имаме пад во млада популација. Имаме загрижувачки податоци во делот на работоспособното население, загрижувачки податоци во делот на сместувачки капацитети и нега на стари лица и слично, податоци што укажуваат на потреба од интензивни реформи во пензискиот систем бидејќи, од една страна, имаме поголем број корисници на пензија, а од друга, помал број на вработени - истакна тој.
Најави уште неколку ревизорски извештаи, меѓу кои и за друштва што приредуваат игри на среќа, каде што државата е доминантен сопственик, имало сериозни забелешки на начинот на работење.
Во тек биле и две ревизии за даноци и такси на локално и на државно ниво.
- За жал, нацрт-извештајот на локално ниво има жалосни состојби, единиците на локална самоуправа воопшто не размислуваат што значи фискален напор и фискален капацитет, број на денови на наплата на побарувања и слично, што е жалосно и во суштина значи дека единиците на локалната самоуправа се научени да чекаат само прилив од државата - нагласи Ацевски.
Запрашан како ја толкува намерата на Владата да извезува минерали во САД, тој одговори дека на истиот начин како што ќе го протолкува извозот на мермер, еден од најдобрите во Европа.
- Имаме направено повеќе ревизии во делот на експлоатација на минерални суровини, државата треба да преземе мерки да обезбеди национална лабораторија за акредитација, каде што ќе врши испитувања. Издадовме ревизорски извештај во кој кажавме дека одреден правен субјект врши експлоатација надвор од експлоатационото подрачје. Не ги пријавува точните количини материјали. Укажавме дека одредени рудници пријавуваат само експлоатација на основната суровина, не пријавуваат податоци за злато, сребро, никел и слично - истакна тој.
Ацевски нагласи дека мора да се почитуваат стандардите за заштита на животната средина.
- Јас сум презадоволен од соработката со министерката за енергетика бидејќи првпат по издадениот ревизорски извештај, по неколку години, имаше храброст да ги промени тарифата за надоместок за концесија, висината на тарифата за извршената експлоатација и ги промени правилата и да раскине поголем број концесиски договори, што концесионерите не ги почитуваа - рече тој.
Запрашан дали со војните и зголемените цени очекува и полоши извештаи во однос на животната средина и минералите во следниот период, тој одговори дека сето тоа не смее да влијае врз животната средина.
Работилницата ја организира Државниот завод за ревизија, во соработка со меѓународната програма ОЕЦД - СИГМА.
- Ацевски информира дека пред два дена излезе извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата, во кој Државниот завод за ревизија третпат го освоил првото место во националниот систем за интегритет во државата како врвна ревизорска институција.
Сепак, предупреди дека веќе има и тенденција на вработени да го напуштаат Државниот завод за ревизија поради несоодветно вреднување. бд/
Фото: МИА