АТА: Меѓународна научна конференција за албанскиот јазик во ноември во Битола
- Академијата на науките на Албанија упати покана за учество со научен придонес на Меѓународната научна конференција „Развој на националното образование и албанскиот јазик", јави албанската државна агенција - АТА.
Тирана, 9 август 2024 (МИА) - Академијата на науките на Албанија упати покана за учество со научен придонес на Меѓународната научна конференција „Развој на националното образование и албанскиот јазик", јави албанската државна агенција - АТА.
- Конференцијата ќе се одржи во ноември во Музејот на албанската азбука во Битола, Северна Македонија. Предлозите може да се испратат директно на адресата на научно-организацискиот комитет или Академијата на науките, кои ќе ги поддржат учесниците на конференцијата, наведува Агенцијата.
Оваа конференција е планирана како дел од "настаните за одбележување на годишнината од историскиот Конгрес во Битола и официјалниот празник на албанскиот јазик во Северна Македонија".
Во деновите на конференцијата, Академијата на науките за првпат (во Тирана) ќе го претстави резултатот од обемниот научен проект „Големиот албански речник“.
- 2024 година во Албанија е прогласена за „Година на албанскиот јазик“, а 22 ноември, последниот ден од Конгресот во Битола, е прогласен за официјален албански празник, наведува АТА.
Додава дека Академијата на науките на Албанија е коорганизатор на конференцијата. Во улога на домаќини и главни организатори се Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Северна Македонија и Агенцијата за имплементација на јазикот со учество на неколку универзитети од Албанија и Северна Македонија.
Инаку, Конгресот во Битола бил одржан од 14 до 22 ноември 1908 година, со цел да се стандардизира албанската азбука а 22 ноември се одбележува како Ден на албанската азбука. вт/вг/
Фото: МИА Архива