• понеделник, 23 декември 2024

АСОМ: Бараме итно да се поништи незаконската одлука за основање на нови друштва за интернет игри на среќа

АСОМ: Бараме итно да се поништи незаконската одлука за основање на нови друштва за интернет игри на среќа

Скопје, 29 септември 2023

 

 

Владината одлука за отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа индиректно ќе значи клуч на врата за постојните приредувачи на игри на среќа, предупреди Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) на денешниот брифинг со новинарите.

АСОМ изрази силна осуда за одлуката која ќе ја доведе во прашање егзистенцијата на постојните приредувачи на игри на среќа, кои веќе имаат инвестирано во кадар, опрема и простор. Станува збор за сериозни работодавачи со над 10 илјади вработени, кои плаќаат данок на државата од околу 280 милиони евра годишно и придонесуваат за општеството.

„Проблемот лежи во тоа што Министерството за финансии од 2014 година ги нема донесено подзаконските акти, без кои во пракса не можеме да приредуваме игри на среќа преку интернет. Вие ја следите нашата борба многу одамна. Со години бараме од Владата да ги донесе тие акти и тие упорно не ги носат, што е незаконски, и не спречуваат да организираме игри на среќа на интернет кои се всушност истите игри на среќа кои и сега ги приредуваме.“- вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ .

Од АСОМ објаснуваат дека постоечкиот закон овозможува легалните приредувачи кои се на пазарот да организираат игри на среќа на интернет, а Владата и Министерството за финансии незаконски не ги донесуваат подзаконските акти цели 9 години, иако министерот за финансии бил должен да ги донесе за 6 месеци. Тие потенцираат дека Одлуката која Владата три месеци ја криеше е незаконска.

„Државната лотарија се повикува одредбите на член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри. Овој член не пропишува постапка и начин како и услови и критериуми за избор на приватен партнер. Преку овој повик јасно се гледа дека се прекршува Законот за игрите на среќа и забавните игри при што без прецизни законски услови и дефинирани критериуми се избираат приватни партнери. Ова е незаконски и намерно направено за тие да може да си изберат кого сакаат.“- објасни Илијевски.

Асоцијацијата ја коментираше и задоцнетата медиумска објава на Државна лотарија во која се информира за започнување на постапка за основање на трговски друштва за интернет игри на среќа со доминантен капитал на Државна лотарија и се истакнува дека само Државна лотарија може да ги приредува електронските и интернет игрите на среќа, самостојно или заедно со други приредувачи.

„Сакаме да појасниме дека не е точно дека само Државна лотарија има право да приредува игри на среќа преку интернет, цитирајќи го член 7 став 3 од Законот за игри на среќа. Тој член ним само им дозволува, но истиот Закон во цела глава VI, со преку 20 членови регулира и дозволува лиценци и за останатите приредувачи, многу повеќе отколку само член 7. Што значи дека имаме незаконски оглас и неправно толкување на законот.“ – потенцираше Илијевски.

Според АСОМ станува збор за смислено сценарио односно, договорена работа, наменета за странски однапред договорени компании, посочувајќи дека државата прво ги дискриминирала и не им дозволувала да приредуваат интернет игри на среќа, а сега како услов бара да имаат искуство во тоа што јасно укажува дека партнерите се веќе договорени и ги исполнуваат токму наведените специфични услови во јавниот повик. Тие најавија дека нема да отстапат се додека повикот не се поништи.

„Бараме да се поништи повикот кој е незаконски и дискриминирачки, да се донесат подзаконските акти кои со години се држат во фиока и реално да се либерализира пазарот и итно да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата. Срамно, неевропски и недемократски е да се носат одлуки со кои се уништува гранката без никаква консултација со домашните компании. “ – истакна Илијевски.

Од АСОМ истакнаа дека ќе ги преземат сите правни механизми за да ја докажат незаконитоста на владината одлука, најавувајќи дека доколку нивните апели бидат игнорирани тие се подготвени своите права да ги бараат преку протести, бидејќи оваа одлука сериозно ја загрозува егзистенцијата на сите вработени во оваа дејност.

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) 

_______________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан