• сабота, 23 ноември 2024

Аргументи за и против изградба на ПАХЕЦ Чебрен по пат на јавно приватно партнерство со странски инвеститор

Аргументи за и против изградба на ПАХЕЦ Чебрен по пат на јавно приватно партнерство со странски инвеститор

Скопје, 2 ноември 2023 (МИА) – Презентација на проектот за изградба на ПАХЕЦ Чебрен и отворање на дискусија за негова реализација преку јавно приватно партнерство со странски инвеститор е целта на панел дискусијата што денеска се одржа во Стопанската комора во организација на Здружението на енергетичари на Македонија (ЗЕМАК). На дискусијата беа истакнати аргументи за реализација на проектот по пат на јавно приватно партнерство меѓу ЕСМ и грчката ППЦ и Архиродрон, но и против таквиот начин на реализација. Станува збор за еден од најголемите проекти во регионот со висина на браната од 192 метри што е меѓу првите 20 до 30 во светот.

Како што истакна професорот Вангел Фуштиќ од ЗЕМАК идејата за изградба на ПАХЕЦ Чебрен е од 1953 година и првично со неа се планирало изградба на хидроелектраните Тиквеш, Галиште и Чебрен. Во 1964 година е реализирана Тиквеш, а за другите две досега се спроведени 14 тендери од кои само последниот е успешен и предвидува изградба на ХЕЦ Чебрен.

Виктор Андонов, директор за развој и инвестиции во АД ЕСМ, посочи дека основен проект за изградба на ХЕЦ Чебрен е направен во 1963 година, а идеен проект во 1965 година и додаде дека интенцијата на сите влади досега била да се додели на странски партнер поради лесната достапност до финансии, комплексноста на проектот и стекнувањето на нови знаења.

-За изградба на Чебрен и Галиште се спроведени 13 неуспешни тендери, а од 1992 година се бара приватен странски инвеститор за нивна изградба. И на првиот објавен тендер во 2006 година се бара странски инвеститор за реализација. ЕСМ досега ниту еднаш не изработила студија за Чебрен туку се јавува како нарачател на студиите што ги изработуваат реномирани светски компании, рече Андонов.

Посочи дека последниот тендер кој е успешен е започнат во 2020 година и во него се предвидува Чебрен да се гради по пат на јавно приватно партнерство во која ЕСМ ќе има удел од 33, отсто, а грчката ППЦ и Архиродрон од 67 отсто и да чини една милијарда евра врз основа на цените на материјалите во 2022 година кога, како што рече, се бележи најголем скок на цените на металите поради војната во Украина. Сега, додаде, цените се паднати и изградбата може да чини и помалку.

Александар Дединец од МАНУ истакна дека цената на струјата ги уништи инвестициите не само во земјава, туку во целиот регион поради што државите не може да вложуваат во енергетски капацитети. Сега, како што кажа, ни се ближи и јаглеродниот данок, кој и онака индиректно го плаќаме.

Порача дека за реализација на целите од Стратегијата за енергетика државата треба да вложи 20 милијарди евра кои ги нема и додаде дека токму затоа треба да се реализираат енергетски капацитети по принципот на јавно приватно партнерство како што се прави со ПАХЕЦ Чебрен кој е неопходен за балансирање на системот поради зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори.

-Со Чебрен можеме да ги задоволиме капацитетите до 2040 година и само еден час во текот на деноноќието да ни биде критичен и да ни треба дополнително балансирање на системот. Без Чебрен драстично се зголемува бројот на часови во кои ни е потребно балансирање, рече Дединец.

Истакна дека во Стратегијата за енергетика е предвидено да има 750 мегават од ветерни и 1.400 мегавати од соларни електрани и додаде дека се предвидувало до 2025 година да има 500 мегавати од соларни електрани, а како што кажа, веќе сега во ноември 2023 година таа бројка од 500 мегавати е исполнета и засега немаме никаков проблем со балансирање на системот.

Професорот на Машинскиот факултет во Скопје Атанско Тунески посочи дека граѓаните во моментов ја плаќаат струјата произведена во ХЕЦ Тиквеш осум милиони евра годишно, а по доделувањето на хидроелектраната на инвеститорот на Чебрен ќе треба да ја плаќаат 40 милиони евра годишно, бидејќи произведената струја ќе оди на берза, а никој, како што рече,  тоа не го кажува јавно. Праша кој ќе ја плаќа разликата од 32 милиони евра на годишно ниво само за ХЕЦ Тиквеш и констатира дека секако тоа ќе го прави народот. Порача дека на народот му е сеедно дали ќе се направи Чебрен, бидејќи и електричната енергија произведена таму ќе оди на берза и додаде дека е сеедно дали таа енергија ќе се купува од Чебрен или од кој било друг што ја продава на берзата.

-Само лани земјава даде 300 милиони евра за увоз на струја. Тоа покажува дека има доволно пари да инвестира сама во Чебрен, бидејќи ќе се гради 10-тина години и може да одвојува секоја година по одредена сума пари од Буџетот за нејзина реализација. Воедно, во ниту една земја во Европа не се дава концесија на вода на странци како што се предвидува кај нас на 60 години за изградба на Чебрен по пат на јавно приватно партнерство, рече Тунески.

Професорот Константин Димитров, пак, посочи дека Чебрен не е енергетски проект, туку водостопански и дека треба да обезбеди вода за цела Пелагонија, а сега, како што рече, ќе ни ја земат водата 60 години да ја управуваат.

-Се обидуваме да го подигнеме гласот за понижувањето на нашиот сектор зашто со доделувањето на изградбата на странска фирма се потценува знаењето и квалитетот на инженерите и на универзитетите во Македонија. Тврдам дека имаме капацитет, знаење и средства сами да го изградиме Чебрен, рече Димитров.

Не гледам, додаде, ни една причина зошто сами да не го изградиме.

-Ако сами го градиме има повеќе предности. Ќе биде проект во кој може да се обедини македонското општество политички, социјално и економски, како и да се подигне нашата градежна индустрија. Тие порано граделе, а сега се уништени и работат за туѓи компании наместо да бидат свои на своето. Ова е обединувачки проект за Македонија и не би требало да се даде да го работи странска компанија која пак ќе ги ангажира нашите луѓе ама за ситни средства, рече Димитров.

Потенцира дека непосредно пред парламентарните избори не се носи одлука за изградба на објект кој треба да се користи 70 години.

-Сите показатели велат дека изградбата на овој објект е економски оправдана. Ако е така зошто сами да не го направиме, а ќе градиме автопат кој никогаш нема да ги врати средствата. Токму затоа има странски компании кои сакаат да го градат за да го зголемат профитот, а тој профит ќе го платат граѓаните, но ќе оди надвор од Македонија, посочи Димитров. вј/нд/

Фото: МИА  

Остани поврзан