• недела, 22 декември 2024

Анѓушев: Силно ги негирам сите сомневања изразени од Стејт департментот, ќе ја обжалам одлуката

Анѓушев: Силно ги негирам сите сомневања изразени од Стејт департментот, ќе ја обжалам одлуката

Скопје, 5 декември 2023

Во текот на мојот мандат во Владата на Република Северна Македонија од 2017-2020 година работев со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата, и во интерес на македонската економија и на демократските принципи на кои почива нашата земја.

Четири години по моето самоиницијативно повлекување од Владата, нема никаков судски процес за било кој сегмент од моето работење, од причини што за тоа нема никакви основи. 

Јас вработувам 1000 луѓе во Македонија, и во периодот на мојот мандат моите фирми бележеа само пад и загуби, што е регистрирано и во државните финансиски служби.

Јас имам фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и сум американски даночен обврзник, односно јас плаќам данок во Соединетите Американски Држави и сум партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД. 

Додека служев како вицепремиер во македонската Влада силно се залагав и работев за зачленување на земјата во НАТО, го поддржував зачленување во ЕУ, и ги поддржувам и сега сите активности кои се преземаат во тој правец.

Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департментот и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата.

Соопштение на проф. д-р Кочо Анѓушев, сопственик и главен извршен директор на групацијата Феро Инвест и БРАКО. 

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан