• сабота, 23 ноември 2024

Анкета: Сандерс води меѓу демократите на национално ниво, Блумберг се квалификува за влез во дебатите

Анкета: Сандерс води меѓу демократите на национално ниво, Блумберг се квалификува за влез во дебатите
Вашингтон, 18 февруари 2020 (МИА) - Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, убедливо води на национално ниво пред останатите претенденти за претседателски кандидат од демократите, покажуваат резултатите од најновата анкета на „Ен-пи-ар“, „Пи-би-ес њус аур“ и „Марист“. Сандерс води со 31 отсто поддршка на национално ниво, што е за девет проценти повеќе во споредба со со декември. По него, со многу помала поддршка од 19 проценти е Мајкл Блумберг, поранешниот градоначалник на Њујорк и милијардер. Блумберг изби на оваа позиција иако не учествуваше на досегашните дебати и прелиминарни демократски избори, но неговиот лик стана познат откако неговата кампања во изминатиот период ги бомбардираше американските гледачи со ТВ реклами. Досега само за реклами Блумберг потроши над 300 милиони долари. Со ваквиот резултат од анкетата тој се квалификува за учество во дебатата в среда, пред партиските собранија за избор на претседателски кандидат во Невада закажани за во сабота. Сандерс, од друга страна, води солидна кампања финансирана целосно од своите поддржувачи, со главното ветувања да изврши „политичка револуција“. Неговата програма, меѓу другото, предвидува воведување бесплатно здравство и бесплатно високо образование во САД. Блумберг, мултимилијардер и до неодамна поддржувач на републиканците (беше избран како републикански градоначалник на Њујорк), и Сандерс, кој се претставува како демократски социјалист и претставник на прогресивното крило во Демократската партија, веќе разменија обвинувања и критики. Сандерс го критикуваше Блумберг поради огромните суми потрошени за реклама, обвинувајќи го дека „сака да ја купи номинацијата“ претседателски кандидат. Во соопштение на Твитер синоќа тој укажа дека Блумберг „нема да создаде таква возбуда и енергија што ни е потребна за пораз на Доналд Трамп“. Блумберг одговори со видео на Твитер во кое поддржувачи на Сандерс на онлајн форуми напаѓаат лица поддржувачи на негови конкуренти, истакнувајќи дека е важно да се „обединиме“ и дека „ваква енергија нема да не однесе никаде“. На трето место во анкетата е поранешниот потпретседател Џо Бајден со 15 отсто национална поддршка, пад од девет процентни поени. На четврто место е сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен со 12 отсто и пад од пет проценти, додека на петто е Ејми Клобучар со девет отсто и подобрување од пет проценти. Поранешниот градоначалник на Саут Бент, Индијана, Пит Бутиџич, е на шесто место со осум отсто и пад од пет процентни поени, додека на седмо и осмо место се милијардерот Том Стајер и конгресменката од Хаваи, Тулси Габард, секој со еден отсто поддршка. кб/ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан