Анкета: Хрватските граѓани се согласуваат дека семејните насилници треба да бидат построго казнети
- Построго казнување на семејното насилство и поддршка на полицијата за враќање на лицата без документи преку граница се темите за кои најмногу се согласуваат хрватските гласачи, покажа истражувањето што денеска беше претставено во Загреб.
Загреб, 4 јуни 2024 (МИА) - Построго казнување на семејното насилство и поддршка на полицијата за враќање на лицата без документи преку граница се темите за кои најмногу се согласуваат хрватските гласачи, покажа истражувањето што денеска беше претставено во Загреб.
Резултатите од постизборната анализа на ставовите на гласачите, врз основа на апликацијата Изборен компас, ги презентираа членовите на истражувачкиот тим на Факултетот за политички науки (ФПН) во Загреб, јавија хрватските медиуми.
Во анкетата учествувале повеќе од 145.000 граѓани, од кои околу 82.000 одговориле на сите прашања.
Професорот на ФПН, Вишеслав Раос рече дека 96 отсто од анкетираните укажале дека семејното насилство треба да се казни построго, а 90 отсто изразиле поддршка за полицијата за враќање на луѓето без соодветни документи преку граница. Тој рече дека малку поголем број жени поддржуваат построго казнување на семејното насилство (98 проценти), а помалку се склони да ги вратат преку граница оние кои влегле во Хрватска без документи.
Други теми каде е забележана силна согласност беа воведувањето на нов данок на банките (82 отсто за) и задолжителното граѓанско образование (81 отсто за).
Меѓу поларизираните теми се враќањето на задолжителната воена служба (42 отсто за, 38 отсто против), континуираната помош за воените напори на Украина (32 отсто за, 40 отсто против) и набавката на нови воени авиони (42 отсто сметаат дека тоа е неоправдано и 36 проценти спротивно). мс/
фото: МИА архива