• сабота, 23 ноември 2024

Анкета: Се разгорува битката за третото место на евроизборите 

Анкета: Се разгорува битката за третото место на евроизборите 

Брисел, 18 март 2024 (МИА) – На европските избори во јуни ќе се води неизвесна и тесна трка околу тоа која партиска група ќе биде трета по бројност во Европскиот парламент, покажуваат најновите резултати од истражувањето на јавното мислење на „Јуроп Електс“ објавени денеска. 

Според оваа прогноза, либералната група „Да ја обновиме Европа“ би освоила четири дополнителни места во споредба со претходното истражување од крајот на февруари, со што би имал вкупно 86 мандати, надминувајќи ја за два десничарската Европски конзервативци и реформисти (ЕРЦ), која според оваа анкета би добила уште едно место достигнувајќи до 84 европратеници. Од друга страна, екстремно десничарската Идентитет и демократија би загубила три мандати, паѓајќи на 89.   

Од другите групации, десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП) би добила еден мандат повеќе споредено со претходното истражување, достигнувајќи до 183 европратеници, додека Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) би загубила пет места, сведувајќи се на 135 европратеници. Зелените и Левицата добиваат по едно место, со што би имале 50, односно 46 мандати. 

Гледано по земји, најдрастични промени има во Романија каде што екстремно десничарската Алијанса за унија на Романците (АУР) би освоила најмногу гласови и би добила 12 места во Европарламентот, како и во Германија каде екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) губи мандати за сметка на радикалната левичарска Алијанса на Сахра Вагенкнехт – Разум и правда (БСВ). 

Според ова истражување, АУР би ги надминала двете владејачки партии Социјалдемократската партија (ПСД) и десноцентристичката Национално либерална партија (ПНЛ), чија Влада на „големата коалиција“ е потресена од корупциски скандали. ПСД која е членка на СД би била втора и би освоила девет европратеници, а ПНЛ, кој е дел од ЕПП, би била трета со осум мандати. 

Инаку, ова би било првпат АУР да освои места во Европскиот парламент и таа во моментов не е дел од ниту една партиска група. Според партискиот лидер, Георге Симион, партијата би сакала по изборите да се приклучи на алијансата на Европските конзервативци и реформисти (ЕРЦ), предводена од италијанската премиерка Џорџа Мелони. Ваквиот развој на настаните би ја наметнала ЕЦР како фаворит за третото место по бројност во ЕП. Едно од ветувањата на Симион е дека ќе го „размрда Европскиот парламент“ и ќе се „бори против бирократите во Еврокомисијата“. 

Во Германија, пак, БСВ на Сахра Вагенкнехт, кој беше формирана лани во октомври од дисиденти од партијата Левица, привлекува се повеќе гласачи и тоа според истражувањата на сметка на АФД. 

Така од прогнозираните 22 европратеници во јануари, АФД во ова мартовско предвидување падна на 16 места, додека БСВ од јануарските три сега се искачи на осум мандати.   

За разлика од Левицата, која има традиционално левичарски ставови, БСВ има поконзервативни погледи за општествени прашања, што ја прави популарна меѓу десничарските и конзервативните гласачи, на што се должи и прелевањето на гласови од АФД на нејзина сметка. Дополнително, и БСВ и АФД имаат слични ставови во однос на миграцијата. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан