• понеделник, 23 декември 2024

Анкара: Шведска и Финска ја потврдија определеноста против тероризмот

Анкара: Шведска и Финска ја потврдија определеноста против тероризмот
Анкара, 26 август 2022 (МИА) - Шведска и Финска денеска ја потврдија својата определеност на борбата против тероризмот, соопшти Турција по состанокот на турските, шведските и финските претставници во Финска во врска со влезот на двете нордиски земји во НАТО, кој Анкара во моментов го блокира. „Финска и Шведска ја повторија својата заложба, изразена во трилатералниот меморандум (потпишан на крајот на јуни), за солидарност и целосна соработка со Турција во борбата против секоја форма и појава на тероризам“, се вели во соопштението од канцеларијата на турскиот претседател. Од средината на мај, Турција, членка на Северноатлантскиот сојуз, го блокираше процесот, обвинувајќи ги двете земји дека ги штитат курдските борци од Курдистанската работничка партија (ПКК) и Единиците за заштита на народот, за кои Анкара смета дека се терористички организации. На крајот на јуни, турскиот, шведскиот и финскиот министер за надворешни работи потпишаа меморандум со кој се отвора патот за влез на двете земји во НАТО. Веќе следниот ден Турција испрати барање до Финска и Шведска за екстрадиција на 33 лица, кои Анкара ги смета за „терористи“, по што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган веднаш го спомна „шведското ветување“ за екстрадиција на „73 терористи“. „Договорено е соработката меѓу заинтересираните институции да се зајакне на техничко ниво за да се постигне напредок“, соопштија денеска од кабинетот на турскиот претседател. Нова трилатерална средба треба да се одржи на есен, соопшти финското Министерство за надворешни работи по првиот состанок одржан денеска во Хелсинки. Дваесет земји членки на НАТО го ратификуваа барањето на двете нордиски земји за членство. Стокхолм и Хелсинки ја напуштија својата традиционална политика на неутралност изразувајќи ја својата желба да се приклучат на НАТО по руската инвазија на Украина на крајот на февруари. паг/  

Остани поврзан