• петок, 22 ноември 2024

Ангелов: Надлежните институции да се координираат и да го санираат потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ над Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Ангелов: Надлежните институции да се координираат и да го санираат потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ над Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Скопје, 10 јуни 2024 (МИА) - Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до надлежните институции да се координираат и веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ над Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кој е во лоша состојба и е накосен, а денеска на бројот 112 дури добиле и пријава дека дел од ѕидот е срушен.

-Од страна на ЦУК досега во повеќе наврати е интервенирано и се испратени дописи до Министерството за здравство, до градот Скопје и до општина Центар, но и до низа други јавни претпријатија во чија надлежност е решавањето на овој проблем. Затоа апелираме за итна координација помеѓу надлежните институции и итно надминување на оваа опасност, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Тој појасни дека во ноември 2022 година до ЦУК стигнале пријави од неколку граѓани дека постои опасност да падне потпорниот ѕид кој е на улицата што е веднаш над Клиниката за детски болести во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и дека е во лоша состојба и е накосен. 

-Веднаш ги известивме сите надлежни институции, Министерството за здравство, градот Скопје, општината Центар, а и МВР беше запознаено за преземање на потребните мерки за да се заштитат животот и здравјето на граѓаните. За жал година и пол подоцна не е преземено ништо. Состојбата со ѕидот е влошена, а рано утрово добивме пријава на 112 дека дел од ѕидот е срушен. Прашање е на време кога ќе се сруши останатиот дел. Затоа апелираме до Министерството за здравство, до градот Скопје и до општина Центар итно да се зафатат со санирање на проблемот, рече Ангелов. 

Меѓу другото, како што посочи, под ѕидот се паркираат возила и минуваат лица кои се движат во кругот на Клиничкиот центар. 

-Проблемот е комплексен затоа што под самата улица „Белградска“, која го разграничува Клиничкиот центар од куќите кои се наоѓаат над него, постои систем на шахти и подземни канали кои се во лоша кондиција и не ја собираат подземната вода кој доаѓа од падините на Водно поради што избива под ѕидот и дополнително ја нарушува неговата стабилност, но и стабилноста на улицата. Во најлошо сценарио можно е да дојде до рушење не само на ѕидот, туку и на дел од улицата по која возилата се движат во двата правци и едвај може да се разминат. Затоа може да дојде до поголема трагедија во која ќе бидат опфатени и возила. Во опасност се човечки животи, здравје, но и човечки имот, мислејќи на паркираните возила под ѕидот, појасни Ангелов и додаде дека не може да ја утврдат сопственост на шахтите и каналите на улицата „Белградска“.вј/аа/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан