Ангелов: Доколку Владата ме разреши, без противење ќе ја прифатам одлуката
- Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство и директор на ЦУК, денеска изјави дека доколку Владата и техничкиот премиер Талат Џафери го разрешат, тој без противење ќе ја прифати одлуката. Најавата на Џафери дека ќе побара разрешување на Ангелов дојде откако тој обелодени дека излегува од коалиција со СДСМ и дека за претстојните избори ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје, 26 март 2024 (МИА) - Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство и директор на ЦУК, денеска изјави дека доколку Владата и техничкиот премиер Талат Џафери го разрешат, тој без противење ќе ја прифати одлуката. Најавата на Џафери дека ќе побара разрешување на Ангелов дојде откако тој обелодени дека излегува од коалиција со СДСМ и дека за претстојните избори ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.
Ангелов соопшти дека Џафери му се јавил вчера попладне на телефон и го известил за неговата немера дека ќе покрене иницијатова за негово разрешување. Според него, тоа е нормален политички маневар имајќи во предвид дека Достоинство ја напушта односно дека излегуваме од владината коалиција.
- Како директор на ЦУК мој приоритет секогаш бил, е, и ќе биде, безбедноста на граѓаните поради што максимално посветено и професионално ја извршувам оваа одговорна функција. Доколку Владата се согласи со предлогот на премиерот Талат Џафери и смета дека треба да бидам разрешен јас без противење ќе ја прифатам нејзината одлука, рече во изјавата тој.
Колку тоа некому да не му се допаѓа, вклучително и на мене, рече Ангелов, „непобитен факт е дека поранешниот командант Форина од УЧК денес е легитимен претседател на македонската Влада“.
-Како Премиер неспорно е дека тој има право да предлага именување и разрешување на функционери кои ги именува Владата. Конечната одлука ја носи Владата со мнозинството министри што само по себе значи дека, за да биде прифатен предлогот на премиерот за мое разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од СДСМ. Во спротивно ќе нема мнозинство за мое разрешување, рече Ангелов.
Свесен за комплексноста на мојата професионална и политичка позиција, повтори тој, навремено го известил најпрво генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, а потоа и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
-Двајцата се изразија позитивно за мојата професионалност како директор на ЦУК и сугерираа дека во овој чувствителен период за државата треба да останам на чело на оваа значајна институција без разлика на политичката одлука на Достоинство за напуштање на владината коалиција. Нивниот коректен став го објавив јавно пред неколку дена на прес - конференцијата на која ја известивме јавноста дека излегуваме од коалицијата предводена од СДСМ. Оттука сметам дека мојата средба со премиерот Талат Џафери, со кого од поодамна имам коректна комуникација, барем на оваа тема е излишна, бидејки, повторувам, Достоинство јавно објави дека излегува од коалицијата предводена од СДСМ, рече Ангелов. ев/нд/